Евроатлантските перспективи на Република Македонија, како и актуелните политички состојби во земјата и во регионот биле во фокусот на средбата на шефот на дипломатијата Никола Димитров со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел кој се наоѓа во посета на земјава.
Димитров, како што соопшти МНР, ја потенцираше важноста од натамошна поддршка на САД во евроатлантските интеграции на Македонија и соработката заснована на стратешкото партнерство.
– Нашето заслужено членство во Алијансата, значително ќе придонесе кон градење на просперитетна и побезбедна Република Македонија, што ќе биде од значење и за целиот регион – рече Димитров.
Помошник државниот секретар Мичел, повторно ја реафирмираше силната поддршка на САД за полноправно членство на Република Македонија во НАТО и ЕУ.
Ги поздрави напорите на Македонија на тој пат, особено со конструктивната политика со соседите, како и постигнувањето на решение за спорот околу името со Грција.
Во тој контекст, тој ги повтори очекувањата за успешен референдум и имплементација на Договорот со Грција, со цел заокружување на процесот на зачленување во НАТО и Европската унија.