Mетодите за обезбедување квалитет на услугите за енергетска ефикасност, примерите од соседните земји, како и дискусија за можноста за воведување методи за квалитет на услугите за енергетска ефикасност во Македонија, беа во фокусот на работилницата и состанокот на експерти „Обезбедување квалитет на услугите за енергетска ефикасност“ што се одржа во Скопје.
Средбата имаше цел да го пренесе искуството на европските земји од проектот „КволитиЕЕ“, за да се идентификуваат решенија соодветни за Македонија.
На работилницата беа презентирани искуствата со соседните земји, како и досегашните активности на ЕСКО-компаниите во нашата земја.
Крајните резултати од проектот ги засегаат давателите на услуги за енергетска ефикасност и нивните здруженија, енергетските консултанти, националните и локалните агенции за енергија, финансиски институции (банки, национални фондови за енергетска ефикасност, програми за грантови), тела за стандардизација и сертификација, како и креаторите на политики.
Работилницата и состанокот за експерти го организираа Црноморскиот центар за истражување на енергијата од Бугарија, Центарот за обновливи извори на енергија и заштеда од Грција и Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ).