Анкара се обидува да го спаси секторот со интензивна дипломатија и програми за издавање здравствени и хигиенски сертификати за хотелите, авиокомпаниите и аеродромите

Загриженоста поради немањето прилив на туристички девизи беше една од причините поради кои лирата силно ослабе изминатите недели

Корона-кризата го зеде данокот во туристичкиот сектор

За хотелите во Турција, 2020 година се претвори во борба за опстанок поради коронавирусот, а исходот ќе биде пресуден за туристичкиот сектор, на кој тамошната влада гради стабилност на домашната валута и платниот биланс.
– Ја пречкртавме оваа година. Целта не ни е заработка – изјави Денис Тас, генерален директор на хотелите „Аквасис делукс“, кои во минатото бележеа солидна посета, особено од британски и германски гости.
Оваа година две третини од резервациите ги направиле домашни гости.
Последиците ги погодуваат градовите и милионите работници зависни од туристичкиот сектор, ако се земе предвид фактот дека туризмот со години го ублажуваше проблемот со кусокот во турскиот платен биланс. Загриженоста поради немањето прилив на туристички девизи беше една од причините поради кои лирата силно ослабе изминатите недели.

Кусокот во платниот биланс во првата половина од годината достигна 20 милијарди долари, а агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ проценува дека БДП оваа година би можел да изнесува 3,2 отсто, делумно поради „уривањето на туризмот“.
Анкара се обидува да го спаси секторот со интензивна дипломатија и програми за издавање здравствени и хигиенски сертификати за хотелите, авиокомпаниите и аеродромите, кои треба да ги привлечат туристите.

Тие практично исчезнаа во април, кога беа воведени ограничувања за да се сузбие ширењето на коронавирусот. Во меѓувреме туристите почнаа да се враќаат во мал број, па, така, во јули имало само 932.927 илјади, дури 86 отсто помалку од истиот период лани, според податоците на турското министерство за туризам.
Турскиот министер за туризам Мехмет Ерсој изјави дека оваа година очекуваат 15 милиони туристи и повеќе од 11 милијарди долари приходи, под услов авиопревозниците да продолжат со работа. Во 2019 година Турција забележа 45 милиони посетители и 35 милијарди долари приходи од туризмот.

Напорите дадоа плод, па Русија и Германија повторно ги воспоставија летовите кон главните турски туристички центри, а туристичките работници истакнуваат дека Владата успеала во намерата да се отворат половина од хотелите во Анталија.
Турското здружение на хотелиери предупредува дека закрепнувањето нема да почне пред наредната пролет.
– Ситуацијата и натаму е тешка. Наш приоритет оваа година не е заработката, туку опстанокот – вели Еркан Јагчи, прв човек на Медитеранското туристичко-хотелиерско здружение.


ОН: Речиси 120 милиони работни места во туризмот се загрозени

Речиси 120 милиони работни места во туризмот во светот се загрозени поради пандемијата на ковид-19, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
– Во првите пет месеци од оваа година, меѓународните туристички аранжмани се намалија за повеќе од половина и се изгубија околу 320 милијарди долари од извозот во туризмот – се наведува во изјавата на Гутереш.
Според него, поради карантинот, приземјени се авиони и затворени се граници во многу делови од светот, а особено се загрозени земјите во развој, вклучувајќи ги и оние во Африка.
– Падот на приходите доведе до зголемено ловокрадство и уништување на живеалиштата во заштитените подрачја и околу нив, а затворањето на многу места на светското наследство ги лиши заедниците од витален живот – додаде Гутереш.