Упатените истакнуваат дека на земјата ѝ треба нова извозна стратегија и економски политики насочени кон извозна диверзификација или преструктурирање кон извозни производи со поголема додадена вредност
Економски политики за извозни продукти и производи со поголема вредност заради намалување на трговскиот дефицит
Македонија со години се соочува со трговски дефицит или состојба кога вредноста на увезените производи е повисока отколку на извезените. Иако се забележува мало намалување на увозната зависност на нашата земја минатата година во споредба со 2015 или 2010 година, сепак, висината на дефицитот и понатаму претставува пречка во растот на домашната економија. Упатените истакнуваат дека на земјата ѝ треба нова извозна стратегија и економски политики насочени кон извозна диверзификација или преструктурирање кон извозни производи со поголема додадена вредност.
– Позитивниот тренд на зголемување на покриеноста на увозот со извоз се отсликува во набљудуваниот период како резултат на континуираното зголемување на учеството на извозот во обемот на размената, кое е зголемено за 5,3 проценти во 2020-та во споредба со 2010 година – се наведува во анализата изработена од Државниот завод за статистика, насловена „Северна Македонија во бројки“.
Какви се изгледите на нашата земја да го намали трговскиот дефицит во разумни граници, или уште повеќе да успее целосно да ги покрие трошоците направени со увоз преку извозните продукти, но и како дефицитот влијае врз домашната економија и остварувањата на компаниите, разговаравме со економски аналитичари и бизнисмени.
– Едно од клучните ограничувања за растот и причина зошто македонската економија не може да испорача високи и одржливи стапки на економски раст е ниската извозна конкурентност на земјата. И покрај тоа што бележиме постојан раст на извозот, со исклучок на минатата година поради пандемијата, сепак во континуитет имаме раст на трговскиот дефицит. За илустрација, во првите шест месеци од годината извозот се зголемил за 958 милиони евра, но истовремено вредноста на увозот бележи зголемување за 1.295 милиони евра споредено со истиот период лани.
Ова само го продлабочува јазот во трговскиот биланс на земјата. Имено, трговскиот дефицит на земјата во првите шест месеци е зголемен за цели 337 милиони евра (од 895 милини евра во првите шест месеци од 2020 година на 1.232 милиони евра во првите шест месеци од 2021 година), што е зголемување на трговскиот дефицит за 37 проценти. Овој трговски дефицит се финансира преку задолжување на граѓаните, приватниот сектор и државата, што е потврда дека постојниот економски модел е неодржлив на среден и долг рок и дека тој се одржува единствено преку задолжување, за што потврда е енормниот раст на јавниот долг во изминатиот период, но истовремено расте и задолженоста на компаниите и на граѓаните – објаснува универзитетскиот професор Дарко Лазаров.
Тој посочува дека ваквите состојби наметнуваат потреба за промена на постојниот економски модел, кој е базиран на финалната потрошувачка преку задолжување и градење нов извозно ориентиран модел на раст што ќе биде базиран на зголемена продуктивност и извозна конкурентност на земјата.
– Промената може да се постигне преку имплементирање нова извозна стратегија и економски политики што ќе бидат насочени кон иницирање на процесот на модерна реиндустријализација, извозна диверзификација (зголемување на бројот на извозни производи) и извозно преструктурирање (пренасочување од извозни производи со помала додадена вредност кон извозни производи со поголема додадена вредност и повисок степен на финализација) – дополнува професорот од Економскиот факултет на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Лазаров објасни дека денес доминантно учество во извозот на домашните компании се производи од трудоинтензивни и ниско технолошко интензивни сектори и дејности, како што се текстилната индустрија, примарното земјоделство и базичните метали, наспроти развиените земји, каде што доминантно учество во извозот имаат капитално и технолошко интензивни сектори и дејности.
– Се разбира, овде не треба да ги заборавиме извозните потенцијали на ИКТ-индустријата, кои се особено зголемени со новите можности креирани од потребата за дигитализација и зголемената глобална побарувачка за ИКТ-услуги. Од друга страна, извозот на компаниите од ТИР-зоните што доминантно се технолошко и капитално интензивни нема значителен ефект за домашната економија, со оглед на фактот што нето-извозот е доста мал. Денес сме сведоци дека не само што не се зголемува нето-извозот од ТИР-зоните туку тој бележи намалување. Имено, во првите шест месеци од 2021 година додадената вредност на извозот од ТИР-зоните е незначителни 4 милиони евра, што е пад за 96 отсто споредено со лани истиот период, кога нето-извозот од ТИР-зоните бил 104 милиони евра. Ова укажува дека постојните економски политики не успеваат да ја поттикнат соработката на домашните компании со СДИ, што ја наметнува потребата од менување на постојниот концепт во насока на поголема интегрираност на нашите компании во синџирите на снабдување на странските мултинационални компании, со цел намалување на увозната компонента на тој извоз – потенцира Лазаров.
Претседателот на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, посочува дека трговскиот дефицит т.е. покриеноста на увозот со извоз со години е наш проблем, иако последните десетина години има мало подобрување.
– Многу е битно што ваквиот дефицит директно влијае и на дефицитот на тековната сметка од платниот биланс на Република Северна Македонија. Ова значи дека помалиот извоз од увоз државата мора да го надомести со странски инвестиции, задолжувања од странство и на крајот со девизите што нашите граѓани што работат во странство ги трошат во Македонија. Трговскиот дефицит покажува дека стоките и услугите што ги набавуваме од странство се поголеми од стоките и услугите што ги извезуваме. Македонија како мала држава и мала економија, по дефиниција, е „осудена“ на голема трговска размена со земјите од странство.
Ниту најразвиените економии не можат да функционираат затворени сами во себе. Проблемот е што нашиот извоз е сѐ уште слаб и не може да ги покрие потребите од увоз на нафта, струја, лекови, храна и други производи, кои ги немаме доволно во земјата – потенцира Димитров.
Според него, нашата земја не треба да настојува сите потреби од стоки и услуги сами да ги произведуваме во земјата, но потребно е нашиот извоз на стоки и услуги да го зголемиме за да го немаме проблемот со трговскиот дефицит.
– Основно е да го зголемиме нашето производство, како во индустријата така и во земјоделството. За жал, и во индустријата и во земјоделството „не ни цветаат рози“. Индустриското производство опаѓа, а главен проблем во иднина ќе биде недостигот од квалификувани работници. Во земјоделството е сосема друга приказна. И покрај огромните субвенции, ние не сме во состојба да го намалиме увозот на храна. Сите сме свесни дека субвенционирањето по хектар не ги дава резултатите и треба да се субвенционира по произведено количество, но никој не се осмелува да го смени тоа. Вториот проблем и во индустријата и во земјоделството е ниската фаза на доработка на производите. Индустријата извезува лимови, суровини и евтина работна сила, а земјоделството непреработени зеленчуци и овошје.
Затоа најважно од сѐ е во иднина да го зголемиме степенот на доработка и во индустријата и во земјоделството и да добиеме производи со поголема додадена вредност.
Ваквите промени тешко и бавно се реализираат без државна поддршка, но поддршката мора да биде насочена кон поголема технолошка опременост, повисока фаза на доработка и поконкурентни извозни производи – појаснува Димитров и дополнува дека токму погрешните субвенции во земјоделството покажаа дека и кога се работи за значајни средства издвоени за субвенционирање, ако лошо се димензионирани и погрешно се распределуваат, нема да ги дадат посакуваните резултати.
Стоковна размена со странство
Година 2010 2015 2020
Обем на размена 8.826 10.957 15.343
Обем, лон 1.396 2.002 1.972
Извоз 3.351 4.530 6.633
Извоз, лон 776 1.195 1.164
Увоз 5.474 6.427 8.709
Увоз, лон 619 808 808
Покриеност на увозот со извоз 61,2% 70,5% 76,2%
Извор: Државен завод за статистика (милиони американски долари)