Производството на електрична енергија од сонце во ЕУ во јуни и јули се искачило на десет отсто од вкупно произведената електрична енергија. Наспроти тоа, во Македонија процентуалното учество на енергијата од сонце минатата година не достигна ниту еден процент од вкупното производство
Искористувањето на енергијата од сонцето во Европа порасна, Македонија да се напрегне повеќе
Извештајот на независната експертска група „Ембер“ посочува дека производството на електрична енергија од сонце во Европската Унија во текот на јуни и јули годинава се искачи на рекордно високо ниво, при што достигна 10 отсто од вкупната произведена електрична енергија.
– Создавањето соларна енергија од соларни панели достигна речиси 39 терават-часа во текот на јуни и јули, што е раст за 10,9 терават-часа од 2018 година. Осум земји од ЕУ поставија нови рекорди за време на летните месеци, како Естонија, Германија, Унгарија, Литванија, Холандија, Полска, Португалија и Шпанија – се наведува во извештајот. Во Македонија процентуалното учество на енергијата добиена од сонце во текот на минатата година во согласност со податоците од Регулаторната комисија за енергетика е многу мало и не достигнува ниту еден процент од вкупното домашно производство на енергија.
– Вкупното производство на електрична енергија во 2020 година изнесува 5.127 гигават-часа, од кои 37,16 гигават-часа се од фотонапонски електроцентрали. Процентуалното учество на производството на фотонапонски електроцентрали во вкупното производство на електрична енергија за 2020 година изнесува 0,72 проценти – пишуваат од РКЕ.
Во Македонија работат 102 фотонапонски електроцентрали
Претставниците на Министерството за економија посочуваат дека енергетскиот сектор е еден од најзначајните сектори за развој на економијата и тој е во приоритетите на Владата за обезбедување сигурно снабдување, а обновливите извори на енергија (ОИЕ) се основата на енергетската транзиција.
– Горивата без јаглерод се очекува да имаат поголема улога во идната потрошувачка на финална енергија, а ОИЕ ќе имаат најголем пораст. Растот на учеството на ОИЕ во Европа и кај нас се овозможува со помош на механизми за поддршка што се засновани на пазарни принципи. Eдна од главните цели на енергетската политика на Македонија е привлекување инвестиции за изградба на енергетски објекти и зголемување на искористувањето на ОИЕ, односно инвестирање во зелена енергија што ќе придонесе за заштита на животната средина и ублажување на климатските промени – укажуваат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во согласност со Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, во столбот декарбонизација се препорачува промовирање ОИЕ на начин што обезбедува одржлив развој. Се предвидува дека фотонапонските и ветерните електроцентрали ќе бидат најбрзорастечки технологии за производство на електрична енергија. Се планира изградба на 750 мегавати ветерни електроцентрали и 1.400 мегавати фотонапонски електроцентрали.
Од Министерството посочија дека во земјата активно работат 102 фотонапонски електроцентрали, со инсталирана моќност од 16.713 киловат-часа, чие годишно производство за 2020 година изнесува 23.535.799 киловат-часа и учествува со 5,98 отсто во производството на енергија од обновливи извори.
Во согласност со податоците на РКЕ за повластените производители на енергија од сонце, во текот на 2020 година биле исплатени приближно 300 милиони денари.
– За производство на електрична енергија од фотонапонски централи што се со статус на повластени производители во 2020 година се исплатени вкупно 294.351.129 денари за произведени 23.535.799 киловат-часа – велат од РКЕ.
Во Годишниот извештај на РКЕ е посочено дека учеството на енергијата произведена од обновливи извори во вкупната електрична енергија произведена во Македонија во 2020 година изнесува 29,22 проценти. Од 303 домашни производители на електрична енергија, 295 користат ОИЕ, од нив 203 користат повластена тарифа, а 91 електроцентрала не користат мерки за поддршка.
Во 2020 година започнале со работа 38 нови електроцентрали што користат ОИЕ, и тоа шест хидроелектроцентрали и 32 фотонапонски електроцентрали.
Притоа е посочено дека 102 фотонапонски електроцентрали користат повластена тарифа, а преостанатите 71 фотонапонска електроцентрала произведената енергија ја продаваат на пазарот на електрична енергија.
Поддршката за производство на енергија од ОИЕ продолжува
Од Министерството за економија посочија дека за поттикнување на домашното производство од ОИЕ е донесена уредба за поддршка на производство на електрична енергија од ОИЕ што предвидува два финансиски механизми, повластени тарифи и повластени премии. Највисоката поддршка треба да се спроведе во периодот 2020-2025, а максималниот поддржан капацитет за ОИЕ е 570 мегавати. Највисоката поддршка е планирана за фотонапонски централи со повластени премии од 200 мегавати, по што следуваат малите хидроцентрали со 160 мегавати и ветерот со 150 мегавати.
– Во 2019-2020 година се спроведени тендерски постапки за доделување право на користење премија за изградба на фотонапонски централи на државно и приватно земјиште за вкупен инсталиран капацитет од 62 мегавати. Реализацијата на потпишаните договори е во тек, четири приватни инвеститори веќе почнаа со комерцијална работа. Овој месец е објавен нов оглас за користење премија за изградба на фотонапонски централи на приватно земјиште за инсталиран капацитет од 80 мегавати – велат од МЕ.
Оттаму додаваат дека со техничка помош од британската амбасада е подготвена програма за реализација на Стратегијата за енергетика 2021-2025 година, за која во тек се консултации со јавноста. Според овој документ, се очекува инвестициите во ОИЕ да придонесат нивниот удел во бруто-финалната потрошувачка на енергија да се зголеми на 30 отсто. Тоа се очекува да се постигне преку повеќе мерки, една е со инсталирање сончеви електроцентрали на покрив, чиј инсталиран капацитет до 2025 година треба да биде 82,2 мегавати. Потоа поддршка со премии, со инсталиран капацитет до 2025 година да биде 200 мегавати. Се планира и изградба на фотонапонски електроцентрали со моќност од 25 мегавати до 2025 година, на локации во сопственост на АД ЕСМ. А планирана е и изградба на 160 мегавати фотонапонски електроцентрали во Битола и фотонапонски електроцентрали од 120 мегавати во Осломеј.
Шпанија со најголем раст летните месеци
Шпанија имаше најголем раст за летниот период во текот на четири години, повеќе од двојно од 3,1 терават-час во 2018 година на 6,4 терават-часа во 2021 година (зголемување на уделот на сончевата енергија во производството на струја на 16 отсто). Холандија беше втора, речиси тројно зголемена за 3,2 терават-часа, од 1,1 терават-час во 2018 година (17 отсто). Италија, пак, е трет по големина производител, со мало зголемување од 5,7 терават-часа на речиси 6 терават-часа (13 отсто). Меѓутоа, производството на енергија од соларни панели заостанува под производството на јаглен, кое изнесува 14 отсто за ЕУ во истиот временски период.
ЕУ постави привремена цел да го зголеми својот удел во обновливата енергија на 40 отсто до 2030 година – од околу 20 отсто во 2019 година. Почнувајќи од 2019 година, снабдувањето со соларна енергија на ЕУ се зголемуваше просечно за 14 терават-часа секоја година, а се очекува да го стори истото тоа и во 2021 година. Сепак, треба да се зголеми двојно повеќе, на 30 терават-часа годишно, за да се исполни целта на ЕУ за заштита на климата до 2030 година.