Се бара решение за запирање на трговската војна откога минатата недела косовскиот министер за трговија и индустрија Ендрит Шаља наложи забрана на увоз на компири и мед од земјава, како одговор на забраната што Македонија ја воведе за увоз на риба за порибување од Косово
Министерот за економија, Крешник Бектеши, и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, денеска во Приштина треба да остварат средби со косовските власти и да најдат решение на најновата увозна бариера за македонските компири и за медот. Македонските власти ќе побараат од Косово објаснување за тоа врз основа на кои меѓународни стандарди е донесена мерката на Приштина за забрана на увоз на компир и мед од земјава.
Имено, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, вчера беше категоричен дека нашите производи ги задоволуваат светските стандарди и додаде дека е неоснована изјавата на косовските власти за причините за забрана за увоз на компир и мед.
– Ќе побараме од косовските власти со аргументи да ни објаснат врз основа на кои меѓународни стандарди ја воведуваат забраната. Не држи изјавата на Косово дека според ЦЕФТА-договорот или според други меѓународни стандарди може да ни воведе забрана – истакна Атанасов, но не даде одговор дали се размислува за некакви контрамерки.
За потсетување, минатата недела косовскиот министер за трговија и индустрија Ендрит Шаља наложи забрана на увоз на компири и мед од земјава како одговор на забраната што ја воведе Македонија за увоз на риба за порибување од Косово. Забраната, како што изјави Шаља за порталот „Газета експрес“, ќе остане во сила додека овдешните органи не ја преразгледаат одлуката за увозот на риба за порибување.
Инаку, како што соопштија надлежните, на косовските власти им било посочено дека се донесени нови законски прописи во согласност со европската регулатива.
– Во изминатиот период Агенцијата за храна и ветеринарство направи интензивни напори за надминување на проблемот за добивање соодветни информации за животинскиот и рибниот здравствен статус, но вакви податоци не се добиени, иако се побарани повеќе пати од ресорната институција во Република Косово. Како што информира и Министерството за економија на нашата земја, надлежните органи на Косово истакнаа дека системот за надзор на рибни болести во Република Косово не се следи – наведуваат од АХВ.
Забраната за увоз на рибен подмладок и икра не се однесува само за Косово, туку за сите земји што немаат мониторинг, бидејќи Македонија се подготвува од следната година да добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар. Мерката е воведена во согласност со прописите на ЕУ за увоз на овие производи и е во согласност и со Спогодбата за санитарни и фитосанитарни мерки на СТО, каде што Македонија е членка од 2003 година.
– Одлуката на министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрит Шала, за воведување забрана за увоз на мед и компири од Северна Македонија, е во најмала мера популистичка одлука, која е неразумна и е донесена во погрешно време. Од една страна, се поставува легитимитетот на донесената одлука, затоа што е донесена од Влада што е во оставка, бидејќи Владата во заминување нема право да донесе таква одлука. Косово е во многу тешка положба, и ваквите одлуки се апсурдни и ѝ штетат на иднината. Од друга страна, какви се анализите што ѝ претходеа на оваа одлука? Дали тоа е популизам, или станува збор за други интереси, кои навистина му штетат на Косово – како политички, така и економски, социјални и пред сè, како ќе влијае тоа врз интеграцијата и добрите односи со државите од регионот – посочи Сафет Ѓергалиу, економски аналитичар и поранешен претседател на Стопанската комора на Косово.
Тој додаде дека одлуката треба да ги засега сите што го гледаат Косово како дел од регионот и сакаат да го видат во едно европско семејство, како земја-модел за добрососедство.
– Оваа одлука, како и одлуката од минатата година за воведување царинска стапка од 100 отсто за производите од Србија и од Босна и Херцеговина, придонесуваат Косово денес воопшто да не биде на листата земји во однос на атрактивноста за привлекување странски инвестиции, како што покажа и рангирањето на „Фајненшл тајмс“ објавено пред некој ден – додава Ѓергалиу.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, во врска со косовската одлука за воведување забрана за увоз на мед и компири од земјава, истакна дека во целост се согласува со ставот на, како што рече, неговиот пријател Сафет Ѓергалиу.
– Вака јавно изнесениот став треба да биде пример како бизнисот треба да реагира во услови кога се преземаат политички чекори за носење популистички одлуки – истакна Азески.
Во согласност со достапните податоци, извозот на мед од Македонија во Косово во 2018 година достигнал вредност од околу 400 илјади евра. Од земјава во Косово годишно се извезуваат од 40 до 1.000 тони компири.
Ова не е првпат да има несогласувања и царински забрани меѓу балканските земји. Имено, во 2013 година Македонија реши да наплаќа за секое возило и патник што сакаат да влезе во земјава од Косово, а Приштина како одговор воведе целосна блокада за македонските производи. Инаку, тензии со Косово имаше и лани кога Приштина одлучи привремено, во рок од 90 дена, да ги зголеми царините за 30 проценти за 21 земјоделски производ за да го заштити домашното производство. Таа мерка не беше насочена само кон Македонија, туку кон сите земји, но овде предизвика силни реакции поради големиот извоз на косовскиот пазар.
Косово им воведе царински бариери и на други балкански земји, поточно на Србија и на Босна и Херцеговина. За потсетување, на крајот од минатата година, косовската влада воведе нови царински давачки од 100 проценти за производите од Србија и од Босна и Херцеговина, за да ги зајакне домашното производство, економијата и косовската државност.
Слични проблеми во трговијата има и со Албанија. Пролетва двата соседа се скараа околу одлуката на Албанија за мерки поврзани со увозот на брашно, пиво и компири од Косово. Приштина по оваа одлука се закани дека ќе воведе сто отсто зголемени царини за албанските производи.