Бизнис-секторот силно порачува економските политики да се насочат кон создавање клима за повеќе вработувања во приватниот сектор, кој е носечки за вкупната економија, наместо да расте бројот на вработени, и тоа во администрацијата…
Според анкетите за вработувањата и примамливоста на работните места за младите
Вработувањето во јавниот сектор е најпримамливо за младите што бараат сигурна работна позиција и солидни плати. Тоа го покажуваат анкетите меѓу младите, кои „во голем дел се насочуваат кон вработување во јавната администрација или, пак, својата иднина ја гледаат надвор од земјата“. За ваквиот став кај младите придонесува уверувањето за „сигурноста на работењето во јавна установа, а во последно време и за примамливите плати“.
Имено, поткрепа за ваквиот нивни став се и огласите што се објавуваат за вработување во јавната администрација. Во нив редовно се пронаоѓаат информации за работни позиции што не бараат (не е потребно) високо образование, ниту посебни познавања (знаења и вештини), но се предвидени плати приближни до просечната. Од друга страна, има дејности во приватниот сектор што бараат специфични познавања и вештини, а мака мачат „за да исплатат минимална плата“.
Токму пред таквите факти и дилеми се исправени младите кај кои впечатокот од ваквите состојби придонесува јавниот сектор, или вработувањето во јавна администрација да биде попривлечно отколку во приватниот сектор. За оваа тема разговаравме со повеќе бизнисмени на кои им се познати ваквите состојби и кои имаат своја формула за решавање на овој неповолен општествен тренд. Тие порачуваат наместо да расте бројот на вработени во администрација, политиките да се насочат кон создавање клима за повеќе вработувања во приватниот сектор, кој треба да е носечки за вкупната економија. Покрај тоа, бизнисмените предупредуваат дека одржувањето на администрацијата станува сѐ поскапо.
– Како што ни е познато на сите, најголемиот процент млади веднаш по завршувањето на образованието или сакаат да избегаат од земјава или сакаат да се вработат во јавниот сектор. Вработувањето во јавниот сектор е некаква оставина од минатото, знаеш дека платата ќе ти стигне на први следниот месец, не треба да се замараш повеќе од тоа. Мора да прекине фаворизирањето на јавниот сектор преку нарушување на угледот на приватниот сектор и поттикнување на вработувања во него, како небаре тој сектор сам по себе да е доходовен и може да им ги исплати тие пари на кандидатите. Треба веќе еднаш луѓето да сфатат дека ако нема добар и профитабилен приватен сектор, нема да има и јавен сектор – истакнува Калин Бабушку, управител и косопственик на „Македонија-експорт“.
Според него, позитивно е платите да растат и притоа да има раст кај сите струки, па дури и просечна плата да земаат сите со средно образование, но истакнува дека растот на платите треба да биде основан. Според него, високите плати во јавниот сектор дополнително ги одвраќаат кандидатите да бараат работа во приватниот сектор и се разгорува негативната кампања кон реалниот сектор. Тој истакнува и дека претставници на приватниот сектор би сакале да им дадат високи плати на вработените, но оти едно се желбите, а друго можностите.
Разлика во вреднувањето
Бизнисменот Мендерес Кучи укажува дека разликата во вреднувањето на вработените во јавниот и приватниот сектор одамна е присутна на нашиот пазар и дека таа придонесува кон тоа вработувањето во јавна администрација да е попримамливо.
– Во приватниот сектор, освен можеби текстилната и кожарската индустрија, каде што луѓето на некој начин се во полоша состојба, бидејќи работат за ниски плати, во преостанатите сектори имаме едно нереално покачување на платите, наметнато поради фактот што веќе луѓето не работат за плата под 20 илјади. Тоа е причина плус за манипулации, за прикривање на вистинските плати на вработените, дел се дели подрака, за да се избегнат давачките. Исто така, на огласите многу малку луѓе се пријавуваат, дури и на општите огласи, како на пример за возачи, каде што не се потребни посебни образовни вештини. Луѓето денес сметаат дека ќе најдат подобра и подобро платена работа, или пак тежнеат кон јавна администрација поради сигурноста. А од друга страна, ние бизнисмените се соочуваме со ситуации кога, и покрај високото образование за кандидатот, неопходна е надградба, дообразование за да може да работи на позицијата за која аплицирал – објаснува Кучи.
Тој додава дека за влошување на севкупната ситуација придонесува и разидувањето меѓу потребите на пазарот и образованието.
– И покрај нашите апели и укажувања кои струки се потребни на пазарот, се форсира високо образование, од кое голем дел се насочени кон општествени науки и подоцна не можат да најдат соодветна работа. Не се цени она што го бара пазарот, а тој треба да ги прими идните кадри. Имаме разидување, од една страна недостиг од кадар, а од друга голем број невработени, кои преку политиката пробуваат да најдат солидно платена работна позиција. Мора да се смени пристапот и да се бараат работници за отворените работни места – истакнува Кучи.
Товар врз економијата
И претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, се согласува дека состојбата со вработувањата во јавната администрација е голем товар врз економијата.
– Бројот на вработени во јавната администрација и нивните примања мора да кореспондира со порастот на економијата. Преобемната администрација троши огромен дел од буџетот на Македонија и остануваат сѐ помалку пари за инвестиции, наука, здравствена заштита… Владата мора да помага во отворање нови компании и поддршка на постојните, кои ќе бидат извозно ориентирани. Од друга страна, владеење на правото, јасни и применливи закони, предвидливи услови за стопанисување, стимулативна даночна регулатива и администрација што ќе биде сервис на граѓаните и на стопанството се неопходни за создавање добри услови за стопанисување – вели Димитров.
Владата и надлежните институции во неколку наврати посочуваа дека во план е трансфер на дел од вработените од јавната администрација во приватен сектор, иако сѐ уште не се преземени такви чекори. Дека овие намери и понатаму се во план неодамна посочи и новиот министер за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири.
– Процесот на реорганизација и оптимизација на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби ќе продолжи, а отворена опција за намалување на вработените во јавниот сектор со пакетите за трансфер на овие вработени во приватен сектор – кажа Шаќири.
Тој дополни дека ќе има точен план за спојување и укинување на постојни институции или за нови институции неопходни во согласност со процесот за преговори за членство во ЕУ. Појаснувајќи дека е детектирано преклопување на надлежностите, Шаќири објасни дека и понатаму е отворена опцијата за намалување на бројот на вработените во јавниот сектор со пакетите за трансфер во приватниот сектор. Според него, трансферот на вработени од јавниот во приватниот сектор е дел од воведувањето добра професионална активна и ефикасно реорганизирана администрација. Со редуцирање на работната сила во јавниот сектор, како што тврди, нема да се оштетат вработените, а бенефиција ќе има и приватниот сектор, каде што има недостиг од вработени. За планираното распоредување и реорганизација ќе се формираат работни групи составени од професионалци, членови на академската заедница и претставници на Владата. Од друга страна, во земјава има вработени во јавна администрација што земаат плата иако немаат работно место.