Македонија сѐ уште не ги исцрпила позитивните ефекти на рамниот данок, кој, пак, дејствува мотивирачки врз странските инвеститори, што значи дека сѐ уште е подобро тој да се задржи, смета дел од економистите
Можното воведување прогресивен данок поттикна многу прашања кај населението и бизнис-секторот за тоа дали ќе предизвика одлив на квалификуван кадар, како ќе се одрази врз малите претпријатија, дали ќе ја поттикне сивата економија или, пак, ќе донесе социјална правда во државата. Некои економисти укажуваат дека во периодот од 2008 година, кога се воведе рамниот данок, според официјалните податоци, 28 отсто од вработените учествувале во сивата економија. Универзитетскиот професор Трајко Славески неодамна истакна дека сивата економија би била повеќе присутна доколку се воведе прогресивниот данок и би имало даночна евазија.
Според професорот на „Американ колеџ“, Томе Неновски, прогресивниот данок нема да има поттикнувачко дејство во економијата, особено поради релативно скромниот финансиски ефект што би се постигнал со него.
– Целта е, колку-толку, да се намалат социјалните разлики меѓу граѓаните, што, исто така, нема да може значајно да ја постигне таквата крајна цел на задоволително ниво, со оглед на релативно малиот број лица што имаат многу високи износи на плати – смета Неновски.
Тој додава дека воведувањето прогресивен данок речиси сигурно ќе ја поттикне сивата економија, затоа што работодавците ќе наоѓаат разни начини како да ја намалат, а некаде и да ја елиминираат разликата над прагот над кој ќе се пресметува и плаќа прогресивен данок.
– Најпогодени ќе бидат лицата со исклучително високи плати (над 2, 3, 4 илјади евра). Но ќе бидат погодени и лицата што ќе бидат со релативно скромни износи над прагот на оданочување со по 200-300 евра, што исклучително демотивирачки би дејствувало врз нивниот работен ангажман – истакна Неновски.
Како што вели тој, Македонија сѐ уште не ги исцрпила позитивните ефекти на рамниот данок, кој, пак, мотивирачки дејствува врз странските инвеститори, што значи дека сѐ уште е подобро тој да се задржи.
Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, посочува дека прогресивниот данок обично се воведува поради социјална праведност наместо економска ефективност.
– Обично повисоките даноци се поатрактивни за фискална евазија. Во развиените економии со развиени институции тоа не се случува и поради строгоста на мерките (санкциите) и неселективниот пристап на даноците, што не е случај кај нас. Неформалната економија кај нас се цени на околу 30 отсто и тоа покажува дека повисоки (прогресивни) стапки би ја поттикнале уште повеќе даночната евазија – објаснува Беџети.
Според него, најпогодени би биле тие што примаат плати и остваруваат приходи над просечните.
– Во ваква состојба на социјална фрагментација, секако ни треба прогресивен систем, но прво примена кај капиталните приходи и приходите на имот, а на крајот кај платите – смета Беџети.
Опасности од прогресивното оданочување може да вклучат зголемена даночна евазија, демотивирање на високопродуктивните професии, особено оние што се конкурентни на меѓународниот пазар, како што се ИТ-професионалци, финтек-професионалци, лекари и многу други професии, нагласуваат од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“
– Главната предност на прогресивното оданочување е дека тоа е морално и праведно, односно повеќе во релативна и апсолутна смисла ги оптоварува оние што се побогати. Но без оглед на дизајнот на оваа политика во смисла на зафаќањата и даночните стапки, треба да се понудат и конкретни програми за тоа како ќе се извлечат најсиромашните од состојбата во која се наоѓаат – велат од „Фајненс тинк“.
Надлежните од институтот направија анализа на буџетските ефекти што би се постигнале со воведување прогресивен данок кај персоналниот доход. Првото сценарио предвидува оданочување на најбогатите 1 отсто со 18 отсто, а второто оданочување на најбогатите 2 отсто со 18 отсто. Според нив, буџетот би се зголемил за само 30-37 милиони евра.
– Резултатите покажуваат дека буџетските ефекти од потенцијалното прогресивно оданочување би биле релативно мали и на годишно ниво би се движеле помеѓу 30 и 37 милиони евра дополнително собран персонален данок од доход, што претставува помеѓу 10,8 отсто и 13,1 отсто од вкупно собраниот персонален данок од доход. За споредба, износот што од буџетот се одвојува за сите видови социјална помош, на годишно ниво, изнесува околу 100 милиони евра. Износот што буџетот ќе го одвои за субвенционирање на порастот на минималната плата изнесува 90 милиони евра – појаснуваат од институтот.
Оттаму додаваат дека овие пресметки не го земаат предвид ефектот од потенцијалното зголемување на даночната евазија, нагласувајќи дека опцијата за прогресивно оданочување на доход треба сериозно да се разгледа и да се направи детална анализа.