Може ли компанија што со години не работи да стане рентабилна доколку добие приватен сопственик или подобро е таа да остане во рацете на државата, дури и по цена во неа да треба да се инвестира, е едно од прашањата што се наметнаа со актуализирањето на намерата за целосна или делумна продажба на ТЕЦ „Неготино“ заради полнењето на буџетот, чии приливи се намалени поради здравствено-економската криза

ПО НАЈАВАТА ЗА УШТЕ ЕДЕН ОБИД ЗА РЕШАВАЊЕ НА СУДБИНАТА НА ТЕЦ „НЕГОТИНО“

ТЕЦ „Неготино“ би требало да остане во државна сопственост за истата таа да може да се користи во критични ситуации кога се јавува поголем недостиг од струја и нема од каде да се увезе, а нејзината продажба е опција само ако добиените пари се искористат за изградба на хидроцентралата „Чебрен“, проект со кој би се подобрил енергетскиот систем во државата. Тоа е мислењето на енергетските експерти, по владината најава за уште еден обид за продажба или за јавно-приватно партнерство на термоцентралата што не се користи повеќе од десет години. И додека надлежните тврдат дека има десетина заинтересирани странски компании, енергетичарите истакнуваат дека е најважно да се засили домашниот енергетски сектор.
– ТЕЦ „Неготино“ е енергетски објект во сопственост на Владата т.е. на Македонија. Поради високата цена на мазутот, кој е основен енергент за производство на електрична енергија во ТЕЦ „Неготино“, тој објект е во таканаречената „ладна резерва“. За таа цел, постројката е конзервирана т.е. заштитена од влијанието на околната атмосфера. Во изминатите периоди, заради одржување во добра кондиција, таа се ставаше во погон да работи најчесто во зима, околу Нова година – како топла резерва или работејќи неколку дена – објаснува универзитетскиот професор Константин Димитров.

Моќен извор на енергија за критичните моменти

Димитров истакнува дека оваа термоцентрала би можела да работи рентабилно доколку се преадаптира и се префрли да користи гас. Според него, со разумна инвестиција, оваа постројка може за кратко време да се доведе во работна состојба за користење природен гас. Димитров посочи дека за да се користи природен гас во ТЕЦ „Неготино“ ќе биде потребно и поврзување, во должина од осум до 10 километри, во зависност од избраната траса, со веќе изградениот гасовод што поминува покрај Неготино.
– Ако се размислува долгорочно, тој цевковод треба да се предвиди со поголема димензија и да биде дел од гасоводот со кој ќе (ќе, ќе… само тоа го знаеме) се поврземе со гасоводот ТАП. Во ТЕЦ „Неготино“ се вградени горилници за мазут и горилници за природен гас. Убеден сум дека ќе треба да се купат и да се постават нови, посовремени горилници, заради подобро управување со постројката со подобрени маневарски карактеристики. Поради релативно нискиот вкупен коефициент на полезно дејство на ТЕЦ „Неготино“, кој сега е во границите од 25 до 32 отсто, производството е директно зависно од цената на природниот гас. Нема дополнителни трошоци за персонал, затоа што и сега државата ги покрива платите на вработените. Со други зборови – кога имаме недостиг од електрична енергија и мораме да ја купиме од берзата, ќе имаме можност да ги споредиме цената од увозот со цената на произведениот киловат-час во ТЕЦ „Неготино“.

А да додадам, дека во критични ситуации (нема електрична енергија за продавање на спот-пазарот, преоптоварени преносни мрежи и не може да се транспортира од производителот до Македонија, дефект на преносните мрежи, политички дефект на преносот и сл.) ќе имаме сопствен извор на електрична енергија со кој ќе може да се покријат критичните потреби за енергија – дополнува Димитров.

Економската логика или социјалната компонента

Професорот исто така појасни дека доколку се пристапи кон поголема инвестиција, постои можност да се вгради предвклучна гасна турбина со инсталирана моќ што би се дефинирала врз основа на подетална техно-економска анализа, поврзано и со тоа кој е испорачател на таа турбина и инвестицијата потребна за таа цел.
– Капацитетот на ТЕЦ „Неготино“, грубо кажано, е еднаков со еден блок од РЕК „Битола“, но со подобри маневарски карактеристики. Тоа значи 200 мегавати инсталиран капацитет со можност да работи барем 6.000 часа годишно со тој номинален капацитет. Ако Македонија е сопственик на оваа постројка, ќе може да управува со неа со земање во обѕир и на социјалната компонента – во определени моменти нема да дозволи да надвладее желбата за профит, која е основната движечка сила на приватниот сопственик. Ниту пак ќе се намали бројот на вработените. Да биде јасно, ЕСМ (Електростопанството на Македонија) се одликува со превработеност, предизвикана од политички причини, може да има и мала социјална компонента притоа, а приватниот сопственик веднаш ќе го намали бројот на вработените и ќе го доведе на минимум. Тука победува економската логика, а не политичката гарнитура – нагласува Димитров.

Да се продава само ако средствата се искористат за изградба на
хидроцентралата „Чебрен“

Уште еден универзитетски професор, добар познавач на состојбите во енергетскиот сектор, посочува дека темата со ТЕЦ „Неготино“ е многу чувствителна и дека термоцентралата се користи кога нема од каде да се увезе или да се произведе. Според него, ТЕЦ „Неготино“ треба да се продава исклучиво ако средствата се искористат за изградба на хидроцентралата „Чебрен“, објект што потоа би бил во сопственост на државата. А ако парите се наменат за други цели, тогаш не треба да се продава оваа термоцентрала, категоричен е тој.
– Цените на енергентите ја прават термоцентралата неисплатлива, дури и да работи на гас. Сепак, таа се користи во ситуации кога немаме од каде да увеземе, а увезуваме голем дел од потребите за струја. Сега е предвидено таа да работи на мазут, кој е голем загадувач. Доколку термоцентралата се направи да работи на гас и притоа да се користи и да произведува топлинска енергија, како што се прави со БЕГ и ТЕ-ТО, тогаш би можела да биде исплатлива. Но само за производство на струја со сегашните цени, не се исплати да произведува струја ниту на гас. Приватен производител доколку има можности да произведува струја од мазут, но да ја продава во странство, како на пример во Грција каде што струјата е поскапа, би можел да ја направи рентабилна. Сепак, при продажбата на овој енергетски објект мора да има услов, парите од продажбата да се наменат во изградба на „Чебрен“ – истакнува овој енергетичар што инсистираше на анонимност.

Според информациите од надлежните, големи светски компании се заинтересирани за купување на термоцентралата што служи само како „ладна резерва“ во енергетскиот систем, бидејќи е предвидено да работи на мазут. Во најавите за продажба или, пак, за моделот јавно-приватно партнерство премиерот Зоран Заев рече дека за ТЕЦ „Неготино“ е предвидена и трансформација во електроцентрала на хидроген.
– Немаме намера да го продаваме акционерското друштво во државна сопственост „Електрани на Северна Македонија“. Тоа е компанија со големи и потенцијални ресурси, која остварува профит од кој еден дел се инвестира во заштитата на животната средина, како што е проектот со инвертерите, во филтрите во РЕК „Битола“, во нова опрема и механизација за сопствените потреби за работа на енергетските ресурси на компанијата – нагласи премиерот Заев.