Неопходни се инвестиции во знаење и во технологија, кои ќе овозможат поголема заработка за компаниите, а со тоа и повисоки плати за работниците, објаснуваат економските експерти
И ПОКРАЈ РАСТОТ НА ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА
Податоците што ги објавува Државниот завод за статистика покажуваат дека во Македонија и покрај растот на просечната плата има неколку дејности каде што и понатаму е карактеристична ниската плата. На листата најмалку платени професии се работниците во дејноста заштитни и истражни дејности, кои земаат нешто над 16 илјади денари нето-плата. Потоа следуваат работниците во секторот производство на кожа и слични производи од кожа, па работниците што се во секторот производство на облека, потоа во услуги поврзани со одржување згради и дејности на уредување и одржување на животната средина, како и работниците во дејности за приготвување оброци и служење храна. Нивните нето-плати се движат помеѓу 16 и 18 илјади денари. Клучно прашање е како да се зголемат платите и во нископлатените дејности, како да се дојде до поголема продуктивност и до поголема заработка и во овие сектори, што ќе овозможи и раст на платите на работниците?
Производство со повисока додадена вредност
Економските експерти укажуваат дека за раст на платите се неопходни и инвестиции во знаењето, но и инвестиции во технологијата, кои ќе овозможат помодерни начини на работа и поголема заработка за компаниите.
– За прашањето како да се дојде до поголеми плати кај овие нископлатени работници, независно од кризата со ковид-19, сметам дека клучна е продуктивноста на работниците, која е определена со нивните вештини, кои, пак, се дефинирани со образовниот профил и работното искуство. На долг рок, не може да очекувате дека вашата плата ќе порасне значајно, ако не ги зголемите и унапредите своите вештини. Но за платите, секако, се важни уште два други елементи. Првиот е продуктивноста на претпријатието во кое работите, што е детерминирано од технолошкото ниво, сфатено како машини, опрема, пристап кон иновации, нови и модерни практики на управувањето, работната етика. Да илустрирам: ние подолго зборуваме дека излезот за текстилната индустрија, која е застапена во Македонија, но која се соочува со ниска продуктивност, е во инвестиции во технологија и фокусирање на производство со повисока додадена вредност. Да не потсетувам дека во 1990-тите, па и во 2000-тите, текстилната индустрија во Македонија вадеше само лон-производство, што е најнискиот степен на финализација на производите. Вториот елемент, значаен за раст на платите, е општата состојба на пазарот на трудот – објаснува универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Клучот е во образованието, вештините, компетенциите и во високата работна
етика
Тој објаснува дека кога има висока општа невработеност во една држава, притисок врз платите нема и обратно. Петрески потсетува дека работодавците, особено пред кризата, често укажуваат на проблемот на недостиг од квалификувана работна сила, што секако е акутен проблем, меѓутоа е и показател за нагорниот притисок што го врши врз платите.
– Притоа, да не негуваме илузија дека кај неквалификуваните работници тоа ќе изврши значајно влијание врз платите, што уште еднаш укажува дека клучот кон повисоки плати се образованието, вештините, компетенциите и високата работна етика – потенцира Петрески.
Професорот објаснува дека поради корона-кризата нископлатените работници беа посилно погодени отколку работници во други сектори и од оние со повисоки плати. Дополнително тој посочува дека најголем дел од изгубените работни места поради кризата се повторно во дејности каде што се помали платите, што укажува дека е дополнителен удар за работниците.
Просечната плата не е одраз на состојбите
Професорот Здравко Савески, пак, укажува дека просечната плата не е одраз на состојбите на терен, односно дека не ја покажува класната разлика меѓу граѓаните.
– Во ситуација кога во статистичкиот агрегат имате плати од повеќе десетици илјади евра месечно, кога ќе дојде до пораст на тие плати на директорите на фирмите, доаѓа до пораст и на просечната плата, што дава лажен впечаток за пораст на животниот стандард на работниците. Вториот проблем е отпуштањето работници токму во делот на слабоплатените работни места, што исто така доведува до пораст на просечната плата. Без обезбедување податоци за висината на платите по квинтили од Заводот за статистика, нивните податоци за просечната плата повеќе ги замаглуваат работите отколку што ги разјаснуваат – потенцира Савески.
Зошто Македонија заостанува во поглед на продуктивноста на трудот
Според него, за раст на платите и продуктивноста на работниците во дејностите со пониски приходи, потребно е вложување во нова опрема, но појаснува дека за вакви инвестиции нема мотив.
– За зголемување на продуктивноста на трудот, потребни се вложувања во опрема. Но го нема мотивот за тоа, бидејќи вложувањето во опрема не е единствениот начин за обезбедување профит. Во услови кога капиталистите можат, речиси непречено, да ја обезбедуваат конкурентноста на своите производи и профитот за себе преку продолжување на работното време (неплатена прекувремена работа) и преку одржување ниско ниво на платите, тие се дестимулирани преку вложување во опрема да осигурат конкурентност. Оттука, причината зошто Македонија заостанува во поглед на продуктивноста на трудот треба да се бара во широката палета на можности за експлоатација на работната сила – потенцира Савески.