Со фонд од 12 милиони евра во текот на 10 години ќе се доквалификуваат кадри за потребите на стопанството, а три компании веќе склучиле договори за обука на работници
Недостигот од вештини е утврден како критично ограничување за конкурентноста на земјава и тоа постојано се споменува како клучно ограничување во глобалниот индекс на конкурентноста.
Формалниот систем за образование не произведува кадри, кои имаат квалификации што ги бара приватниот сектор. Потребно е воведување дуално образование, учење преку практична работа и други начини на обука за да се намали некомпатибилноста на понудата на работна сила со побарувачката од страна на компаниите. Со фонд од 12 милиони евра во текот на 10 години ќе се доквалификуваат кадри за потребите на стопанството. Парите, како што беше речено на вчерашната конференција во Стопанската комора на Македонија, ги обезбедува Владата на Швајцарија, а ќе бидат распределени во неколку фази преку повици за компаниите од седум сектори што ќе вршат обуки на кадри. За првите четири години треба да се вработат околу 2.200 лица преку проектот „Образование за вработување“.
– По тримесечната обука тие имаат обврска во рок од три месеци да вработат 50 отсто од оние што ги обучиле – истакна Анета Трајковска од Стопанската комора на Македонија.
Три компании веќе склучиле договори за обука на работници. Станува збор за компанијата „Костал“, која произведува делови за автомобилската индустрија, „Ронтис“, швајцарска компанија во Велес, која произведува медицински помагала, и КАК, компанија од угостителскиот сектор, која поседува два хотела во Битола, три во Маврово и управува со скијачкиот центар во Маврово.
Од компаниите се надеваат дека на ваков начин ќе добијат квалитетни работници, но и дека оние што нема да бидат вработени, полесно ќе можат да најдат работа поради стекнатата преквалификација.
– Потребата од квалификувани работници е постојана, а особено нагласена и со заминувањето на работници од земјава во други европски земји. Ќе се обидеме да им понудиме подобри услови за работа и поголеми плати, иако знаеме дека и тоа не е гаранција дека ќе ги задржиме – велат надлежните од компаниите.
Претставникот од швајцарската амбасада во Скопје, Стефан Томагиан, смета дека ова прашање треба да се третира долготрајно и дека токму затоа проектот ќе трае најмалку 10 години.
– Во првите четири години треба да се постигне вработување на околу 2.200 работници, пред сѐ млади лица. Вкупната вредност на обуките е 12 милиони евра. Една компанија може да биде корисник на најмногу 10 илјади швајцарски франци за обука на 50 лица – додаде Томагиан.
Претседателот на комората Бранко Азески, неодамна за „Нова Македонија“, спомена дека една од приоритетните активности ќе биде унапредување на системот на образование во согласност со потребите на бизнисот, преку втемелување на дуалните принципи во средното стручно образование.
– Дуалноста во суштина се однесува на наизменично учење и во компанијата и во училиштето, односно на начинот на соодветна комбинација на теоријата и практиката – вели Азески.
Тој додава дека овие две работи се меѓусебно поврзани, а шансата за директна вклученост на компаниите во практичната настава овозможува теоријата да се потврди со практиката и обратно. Резултатот од ова е да произведеме профилирани кадри што стекнатото теоретско знаење во училиштето ќе го унапредат, проверат и спроведат и практично, преку директна практична работа во компаниите, притоа водејќи сметка за потребите на работната сила на пазарот.
– Сето тоа би значело и наш конкретен придонес во усогласувањето на наставните програми со потребите на бизнисот, што ќе има директни импликации и врз намалувањето на стапката на невработеност. Имено, факт е дека во земјите каде што функционира системот на дуално образование стапката на невработеност е помала од 10 отсто – нагласи Азески.