Нереализирање на планираните капитални инвестиции од буџетот за секоја година во период од една деценија укажува на повеќе аномалии и недостатоци во процесот на планирањето, ги доведува во прашање веродостојноста на планирачкиот процес и усогласеноста со приоритетите, како и застој во јавните набавки, и покажува слаб административен капацитет за проектен менаџмент
Слабата реализација на капиталните инвестиции изминативе години се покажа како ограничувачки фактор за растот на економијатa, а тоа го потврди и последниот извештај на Министерството за финансии, според кој, заклучно со крајот на септември, биле реализирани околу 44 отсто од планираните средства за капитални инвестиции. Тоа значи дека повторно остануваат голем дел неискористени средства што биле предвидени за различни инфраструктурни проекти. Овој процес има свои реперкусии, пред сѐ, врз загуба во економскиот раст, но и врз обидите за зголемување на конкурентноста на македонската економија поради неможноста да се подобри инфраструктурата. Оттаму и најновата, коригирана прогноза на Европската комисија (ЕК), која по првичната најава за пад на бруто-домашниот производ (БДП) во земјава од 3,9 отсто од БДП, падот на БДП за оваа година го проектира на 4,9 отсто. Освен тоа, од ЕК велат дека закрепнувањето на економијата ќе биде бавно и неизвесно. Ќе се зголемат дефицитот и јавниот долг, а најпроблематичен ќе биде извозот.
По ова, се наметнува прашањето дали со целосна реализација на планираните капитални инвестиции, кои во принцип се главен двигател на економијата, ќе се создадеа услови за многу поголем економски раст и дали реализирањето на капиталните инвестиции може да биде еден од механизмите за надминување на економските последици од пандемијата на коронавирусот.
– Во која мера капиталниот застој се должи на пандемијата, тешко е да се оцени, имајќи предвид дека реализацијата на капиталните инвестиции е проблематична веќе со години – вели Марјан Петрески, универзитетски професор.
Како што додава тој, експертската јавност во повеќе наврати алармира дека е неопходно да се ревидира процесот на планирање на капиталните инвестиции и да се идентификуваат сите тесни грла во нивната реализација, кои може да бидат различни кај различни типови проекти.
– Во крајна линија, проблемот можеби е во потенцијалот за нивна реализација, односно желбите при планирањето да се едно, но техничко-организацискиот капацитет на државата да е друго. Порамнување на очекувањата при планирањето со тие капацитети е клучно. Инаку, нема дилема дека капиталните инвестиции на државата може да бидат еден мотор што ќе ги помогне постпандемиското закрепнување и ревитализацијата на економијата. Само треба да бидеме добро организирани – објаснува Петрески.
Според упатените, лошото планирање на парите за капитални инвестиции и лошата техничка реализација се едни од причините зошто се потрошени помалку од половина од парите планирани за крупни проекти.
– Мора да се реализираат најавените капитални инвестиции, бидејќи ако тие повторно изостанат, не може да се очекува голем економски раст. Од друга страна, мора да се работи и на други мерки што ќе бидат насочени кон подобрување на условите за развој на економијата – посочува професорот по економија на УКИМ и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славевски.
Тој додава дека не е битно само што се најавува износот на инвестицијата туку многу е поважна реализацијата.
– Ова се потврдува секоја година што изминува, при што слабата реализација на капиталните инвестиции се покажа како ограничувачки фактор за економскиот пораст. Сега останува да се види дали Владата ќе успее да го подобри капацитетот за реализација и менаџментот со капитални проекти кај буџетските корисници, кој е далеку под потребното ниво – вели Славевски.
Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа Абдулменаф Беџети смета дека е потребна капитална инфраструктура, а сѐ друго треба да се остави за време кога ќе има поинтензивна економска динамика, што засега, со овој годишен економски пораст, според него, не може да се направи.
– Подобро зголемен дефицит од оправдани и продуктивни јавни расходи, кои не само што ќе поттикнат пораст туку ќе поттикнат и пораст на потенцијалот, отколку државата да има намален дефицит на штета на капиталните и продуктивните инвестиции – појаснува Беџети.
Неодамна министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека минусот во реализацијата на капиталните инвестиции годинава сепак ќе премине во плус, односно дека парите ќе се потрошат, но за директна помош на граѓаните и на стопанството.
Нереализирање на планираните капитални инвестиции од буџетот за секоја година во период од една деценија укажува на повеќе аномалии и недостатоци во процесот на планирањето, ги доведува во прашање веродостојноста на планирачкиот процес и усогласеноста со приоритетите, како и застој во јавните набавки, и покажува слаб административен капацитет за проектен менаџмент.