Од ММФ укажуваат дека нивната анализа за доминантните валути сугерира дека слабеењето на валутите на земјите во развој, најверојатно, нема да обезбеди материјален поттик за нивните економии на краток рок, бидејќи одговорот на поголем дел од извозот ќе биде незабележителен, покрај физичките нарушувања во трговијата со нарушувањата на понудата и на побарувачката
Анализа на ММФ
Соочени со невиден шок поради распадот на глобалната побарувачка и цените на стоките, одливот на капитал, големи нарушувања кај синџирите на снабдување и голем пад на глобалната трговија, драстично ослабеа валутите на многу економии во развој. Дали промените во вредноста на валутите ќе го поддржат закрепнувањето на овие економии, прашуваат економистите Густаво Адлер, Гита Гопинат и Каролина Осорио Буитрон, во анализа објавена на веб-страницата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
– Со успешното користење на новата база на податоци, истражувањето направено од тим на ММФ утврди дека може да бидат ограничени краткотрајните придобивки кај послабите валути. Ова особено се однесува на земјите во развој каде што фирмите ја остваруваат својата меѓународна продажба и се финансираат во неколку странски валути, но пред сè во американски долари, кои се сметаат за доминантна валута во цените и во финансирањето – пишува во анализата на ММФ.
Авторите посочуваат дека главната претпоставка заснована на традиционалниот поглед на девизниот курс е дека фирмите ги поставуваат своите цени во нивните домашни валути. Појаснуваат дека во такви услови, домашните производи и услуги стануваат поевтини за трговските партнери кога домашната валута ослабува, што доведува до поголема побарувачка од нив и, на тој начин, поголем извоз. Слично на тоа, кога валутата на една земја ослабува, увозот станува поскап во однос на домашната валута, што ги наведува потрошувачите да увезуваат помалку и да ги користат домашните производи. На тој начин, ако цените се дадени во валутата на извозникот, послабата валута може да ѝ помогне на домашната економија да закрепне од негативниот шок.
– Има докази што упатуваат дека поголемиот дел од светската трговија се пресметува во неколку валути, а најчесто користен е американскиот долар, кој дури се нарекува доминантна валута во цените или доминантна валута во парадигмата. Всушност, уделот на наплатување во американски долари во многу земји го надминува уделот во трговската размена што ја имаат со САД. Ова особено важи за земјите во развој и со оглед на нивната растечка улога во глобалната економија, стануваат сè порелевантни за меѓународниот монетарен систем – појаснуваат економистите.
Од ММФ укажуваат дека со воведувањето на еврото првично била намалена доминацијата на американскиот долар до одреден степен, додека другите резервни валути играат ограничена улога.
Притоа укажуваат дека универзалното прифаќање на доминантни валути, како што е американскиот долар, во носењето одлуки на фирмите за цените го менува начинот на кој трговијата реагира на девизниот курс, особено на краток рок.
– Кога цените на извозот се поставени во американски долари или евра, амортизацијата на една земја не ги прави стоките и услугите поевтини за странските купувачи, барем на краток рок што создава мал мотив за зголемување на побарувачката. Така, кај земјите во развој, каде што цената во доминантната валута е почеста, не е толку забележителна реакцијата на извозните количества на девизниот курс, како и краткорочното поттикнување на амортизацијата во домашната економија – појаснуваат авторите.
Друга важна импликација за употребата на американскиот долар во трговските цени е што глобалното зајакнување на американскиот долар повлекува краткорочни ефекти на намалување на трговијата. Ова се случува затоа што слабеењето на валутите на другите земји во однос на американскиот долар доведува до повисоки цени во домашната валута на нивниот увоз, вклучувајќи и од други земји, а на тој начин е помала побарувачката за нив.
Претпочитањето на американскиот долар е исто така карактеристика на корпоративното финансирање во земјите во развој. Карактеристиката „доминантна валута во финансирањето“ значи дека флуктуациите на девизниот курс може да имаат ефекти преку нивното влијание врз билансите на фирмите, феномен што нашироко се проучува во литературата.
– Амортизацијата што ја зголемува вредноста на обврските на фирмите во однос на нејзините приходи го ослабува нејзиниот биланс и го спречува пристапот до ново финансирање, бидејќи на тој начин се влошува капацитетот на фирмите за отплата. Сепак, овој ефект зависи од валутата во која се остварени приходите, односно дали приходите се во странска валута или во локална валута.
Извозните фирми што користат американски долар или евра за наплата и за финансирање се „природно заштитени“, бидејќи обврските и приходите се придвижуваат истовремено кога флуктуира девизниот курс. Ова значи дека финансирањето во девизи помалку загрижува кога се користи кај извозни фирми. Сепак, приходите и обврските на фирмите увознички вообичаено не се совпаѓаат, а флуктуациите на девизниот курс влијаат на билансот на состојба што го ограничуваат финансирањето и обемот на увозот. Финансирањето во доминантната валута има тенденција да го засили ефектот на амортизација на една земја врз нејзиниот увоз – прецизираат претставниците на ММФ.
Широката употреба на американскиот долар во корпоративното финансирање, исто така, значи дека генерализираното зајакнување на американскиот долар може да има глобално дејство на економско намалување преку билансите на состојба на увозните фирми.
Од ММФ укажуваат дека нивната анализа за доминантни валути сугерира дека слабеењето на валутите на земјите во развој најверојатно нема да обезбеди материјален поттик за нивните економии на краток рок, бидејќи одговорот на поголем дел од извозот ќе биде незабележителен, покрај физичките нарушувања во трговијата со нарушувањата на понудата и на побарувачката.
Во меѓувреме, клучните сектори што нормално би реагирале повеќе на девизниот курс, како туризмот, веројатно ќе претрпат штети поради рестриктивните мерките поврзани со ширењето на ковид-19 и поради промените во однесувањето на потрошувачите.
Дополнително, глобалното зајакнување на американскиот долар, веројатно ќе го засили краткорочниот пад на глобалната трговија и економската активност, а истовремено ќе ги зголеми домашни цени на тргуваните производи и услуги, а негативниот биланс на состојба врз фирмите увозници ќе доведе до пониска побарувачка за увоз кај други земји, освен САД.
Монетарците укажуваат дека девизните курсеви сè уште имаат важна улога во ограничувањето на притисокот врз одливот на капитал и да го поддржат закрепнувањето на среден рок, но одржувањето на домашната економија на краток рок бара одлучувачка употреба на други политички средства, како што се фискални и монетарни стимули, вклучувајќи и преку неконвенционални алатки.