Златарскиот занает почувствувал голем пад на приходите во изминатиов период за времетраење на ковид-кризата, а во Занаетчиската комора и во наредниот период очекуваат тешкотии во одржувањето на нивната ликвидност
НЕИЗВЕСНОСТА ВО ЗАНАЕТЧИСКИОТ СЕКТОР ПРОДОЛЖУВА
Доскорешната забрана за организирање свадби и други прослави, но и генерално здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот, меѓу многубројните занаетчиски дејности, силно ја почувствувале и златарите, кои, како што велат, поради намалената куповна моќ на граѓаните биле принудени повеќе да откупуваат одошто да продаваат златен накит. Како и другите занаетчии, тие добиле помош од државата, но таа им овозможила само да ги задржат вработените.
– Нема отпорни занаети на ковид-кризата затоа што атрактивноста на занаетите е поврзана со потребите и платежната моќ на граѓаните. Сите занаети го почувствуваа ударот на пандемијата, со драстично намалување на приходите, отежнати услови за работа со почитување заштитни мерки за работа, постојана дезинфекција на работниот простор. Златарскиот занает почувствува голем пад на приходи во изминатиов период за времетраење на ковид-кризата и во наредниот период очекуваме тешкотии во одржувањето на бизнисите ликвидни – објаснува Анета Атанасовска, директорка на Занаетчиската комора во Скопје.
Златарите зборуваат за тоа како и колку силно нивниот занает ја почувствувал кризата.
– Побарувачката на златен накит во ова време на пандемија беше никаква. Имаше години кога се правеа и по 15 илјади свадби и се знае дека за секоја свадба се купува и злато за младоженците. Сега којзнае дали имаше и илјада венчавки и побарувачката сосема опадна. Имаше по некои на кои им се родило дете, па се венчаваа за време на пандемијата и ќе купеа бурми и по едно приврзоче и толку. Доаѓаа муштерии наши и кажуваа дека имало и такви што си купувале бижутерија наместо злато, а тоа е потврда дека малку се купуваше злато дури и за вакви пригоди. Знаете ние пред матичарите дознаваме кој ќе се венча, а малкумина имаше такви изминатава година. Имаме четириесетгодишна историја во златарството и знаеме како стоеле работите, но се надеваме дека ќе биде подобро, не сме толку песимисти. Важно успеваме да ги задржиме калфите и немаше отпуштања на вработените – раскажува Неџмедин Буши, претседател на Секцијата на златари и член на управниот одбор при Занаетчиската комора во Скопје.
Буши зборува и за влијанието на светските движења на цените на златото врз овдешниот пазар.
– Она што претежно се продаваше како наш производ беа бурмите и во зависност од изработката, големината и слично, тие чинат од 4.000 до 9.000 денари. Во ситуација на пандемија цената на златото се менуваше и тоа и кај нас во продажбата се рефлектираше. Минатата година грам 24-каратно злато чинеше 44 евра, а сега чини 50 евра, но нашите очекувања се дека повторно ќе падне под 50 евра. Откупната цена на еден грам 14-каратното злато е 27 евра, а во изработката на парче накит влегува и цената на работната рака. Несреќите, војните, кризите придонесуваат за нестабилност во цената на златото. Во 2011 година, по нападот на Кулите близначки во САД, цената почна рапидно да расте. Тоа се некои трендови што ги следат светските експерти, а ние како занаетчии само се интересираме за тоа – објаснува Буши.
Освен тоа, тој додава и дека новите генерации не се заинтересирани за златен накит и многу се посреќни да имаат некој скап мобилен телефон, отколку парче злато, а и невестите, често, наместо златен накит сакаат да си купат убав автомобил.
И неговиот колега златар, кујунџија и изработувач на филигран Џељадин Асани, познат како мајстор Џељо, потврдува дека пандемијата многу влијаела, како на побарувачката така и на порачките за изработка на накит, или како што тој на шега вели, пандемијата дозволила во реката да тече по малку вода колку да не секне.
– Цената на златото на светската берза достигна 50 илјади евра за килограм, а ова што ние го работиме е легура од 14-каратно злато и еден грам чини 27 евра. Немаше којзнае каква побарувачка лани, ниту пак којзнае колку се купува златен накит и сега. Овде-онде понекој ќе купеше понекоја бурма, ланче, обетки за свршувачка или парче накит за раѓање на дете. Криза е сѐ уште, луѓето се во страв за своето здравје. За лекови или за да го закопаат блискиот, имаше луѓе што од себе го вадеа златниот накит и го продаваа. Имаше жена што овде во дуќан ги извади обетките од ќерка си за да ми ги продаде. Имаше овде-онде и понекоја нарачка за изработка на некое парче филигран за родендени, но се заработува колку за опстанок – загрижено сумира мајстор Џељо.