Царинската управа врши засилени контроли на граничните премини за да спречи ширење на свинската чума во земјава, во согласност со препораките од Агенцијата за храна и ветеринарство, за превенција од оваа опасна болест што е закана за свињите.
Ова вчера го соопшти директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, коментирајќи ги забелешките на стопанствениците дека царината треба да биде поагилна и построга особено кон патниците од Бугарија.
– Царината во однос на свинската чума има засилени контроли и тоа е во согласност со одлуката на Владата. Сите институции што учествуваат во граничните контроли добија насоки, каде што најголемата одговорност ја има преземено Агенцијата за храна и ветеринарство. Ние ги спроведуваме сите насоки што ги добиваме од агенцијата – рече Танасоски на прес-конференција во Сојузот на стопански комори.