Официјално ја зацврстуваме соработката на полето на енергетиката со компании од соседна Грција. За таа цел се потпишани Меморандуми за соработка за реализација на проектите: Терминал на течен природен гас Александруполи, обезбедување на капацитет за природен гас и Гасната централа Александруполи, истакна премиерот Зоран Заев на денешното потпишување на трите меморандуми за соработка помеѓу Националните енергетски ресурси (НЕР АД Скопје) и „Елени Асмина Копелозу“, Електрани на Македонија (АД ЕСМ) и „Гастрејд“, како и помеѓу „АД ЕСМ“ и „ДАМКО ЕНЕРЏИ“.
Заев рече дека земјава ќе биде дел од проектот за изградба на терминал за течен природен гас на 17 километри од Александруполи за складирање и гасификација на течниот природен гас, со капацитет од над 5,5 милијарди кубни метри.
– Учествуваме со 25 отсто во гасната централа на природен гас во „Александруполи“ која е 800 мегавати. Проценетата инвестиција во оваа електрана е повеќе од 380 милиони евра. Во инвестицијата во гасниот терминал предвидено е да имаме 10 проценти учество со вредност од 370 милиони евра, поддржан од ЕУ. Планот е до 2023 година да биде пуштен гасниот терминал и гасната станица. Нашето вклучување во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на Александруполи во Грција, ќе создаде можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за земјата, од каде потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот – нагласи премиерот.
Целта на Владата е имплементирање на зеленото сценарио како најприфатливото за развојот на земјата, кое треба да обезбеди економски и еколошки придобивки.
– Обезбедувањето на природен гас како енергенс за компаниите и домаќинствата ќе доведе до нивни намалени трошоци, но и намалување на загадувањето и заштита на животната средина, односно подобри услови за живот на граѓаните во Северна Македонија – изјави Заев.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, истакна дека со договорите се утврдуваат условите согласно кои „НЕР АД“ ќе стане акционер во гасниот терминал, а „АД ЕСМ“ ќе учествува во постапката за закупување на капацитетите во Терминалот за течен гас во Александруполи, за период од 15 години, проект вреден над 380 милиони евра.
– Имајќи предвид дека нашите планови вклучуваат и нови гасоводни врски со Косово, Албанија и Србија, очекуваме и во овој дел значително да се подобри и унапреди соработката на регионално ниво. Со поврзувањето со земјите од Западен Балкан, Северна Македонија ќе стане транзитна рута на природен гас, а целта е Северна Македонија да стане дел од енергетскиот хаб на Балканот. Ова е прв ваков проект во Југоисточна Европа на кои соработуваат повеќе држави – рече Битиќи.