По денешната редовна седница на Економско-социјалниот совет, на која Владата заедно со Синдикатите и работодавачите разговараа за важни прашања за унапредување на работничките права и условите за работа и за работниците и за компаниите во земјата, премиерот Зоран Заев најави зголемување на минималната плата. Тој рече дека сериозно размислуваат за ново зголемување на минималната плата оваа година.
– Во тек се консултации со сите засегнати страни да го изнајдеме најсоодветниот модел. Денеска и тоа беше соодветна тема, веруваме дека мај и јуни ќе ги искористиме за од 1-ви јули да ја зголемиме минималната плата на 13.000 денари. Дијалогот продолжува и верувам дека ќе изнајдеме алатки и начини каде што сите чинители ќе бидат задоволни со ваквите чекори – рече Заев.
Премиерот додаде дека според податоците како резултат на зголемување на минималната плата, просечната плата се зголемила за 6,6 отсто во фебруари 2019, споредено со август 2017, пред покачувањето на минималната плата.
– Покачувањето на платите е процес и јас очекувам во иднина оваа спирала на пораст на платите уште повеќе да се интензивира. За тоа ќе придонесе и зголемелниот број на домашни и странски директни инвестиции како, отворањето на нови работни места и зголемената побарувачка на квафилификувана работна сила. Пензиите од почетокот на 2017 до почетокот на 2019 пораснаа за 826 денари или 6 отсто од 13.750 денари просечна пензија сега 14.580 денари. Ќе има уште поголем тренд на пораст на плати и пензии во периодот што доаѓа – истакна премиерот Заев.
Тој најави дека во подготовка е новиот Закон за работните односи и додаде дека разговарале за можноста за намалување на вкупното времетраење на договорот на определено време при трансформација во договор за трајно вработување, при што, како што рече, ќе се имаат во предвид и барањата на работодавачите, со цел да се постигне консензус и заеднички договор.