Македонскиот ИКТ сектор во последните години бележи постојан раст во број на компании и вработени, раст на извозот, на профитот и на приходите. Оваа индустрија е најбрзо-растечка во земјава и ги вработува најмладите и најпрогресивните граѓани, истакна премиерот Заев на отворањето на канцеларијата „Скеил Фокус“ во Скопје каде присуствуваше заедно со заменик-претседателот на Владата Љупчо Николовски и министерот Венко Филипче.
Заев упати честитки за компанијата која од 2019 година работи во земјава и која постојано расте и се проширува.
– „Скеил Фокус“ е пример на компанија во областа на информатичко – комуникациските технологии која не ги запре своите активности и во време на пандемија, работеше посветено на реализацијата на инвестицискиот план кој е поддржан и од Владата согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Секоја пофалба за создавањето 70 нови работни места во информатичко-технолошкиот сектор, но и проширувањето во ваква модерна канцеларија од 900м2 во центарот на Скопје – рече премиерот Заев.
Тој додаде дека пандемијата укажа дека дигиталната трансформација на компаниите се одвива побрзо отколку што очекувавме.
– Според последните официјални податоци ИКТ секторот расте по сите основи. Вкупниот приход на индустријата во 2020 година бил скоро 1 милијарда евра. Тоа е раст од 12% во споредба со 2019 година.
Бројот на компании, исто така беше зголемен за скоро 200 нови компании во 2020 година со вкупно 2.378 компании кои работат во ИКТ секторот – објасни премиерот Заев и додаде дека значаен пораст бележи извозот од македонските ИКТ компании, кој забележа 10% стапка на раст. Тоа е за 230,81 милиони евра извоз во 2020 година.
Премиерот Заев рече дека бројот на вработени е уште еден показател кој расте и сега брои 16.712 вработени во ИКТ индустријата во 2020 година.
– Тоа е постигнат раст од 8% или 1.200 нови вработени во 2020 година во споредба со 2019 година. Годишната плата во компјутерското програмирање е 2,5 пати поголема од националниот просек. Платите во ИКТ индустријата пораснаа во 2020 година, достигнувајќи 1,646 евра вкупно во бруто износ – подвлече премиерот Заев.
Заев ги истакна заложбите на Владата кон натамошно подобрување на условите за работа, кои треба да ја раздвижат ИКТ индустријата и да овозможат забрзана дигитализација на компаниите.
– Владата предвидува намалување на персоналниот данок во ИТ секторот од сегашните 10 отсто на 0 отсто до 2023 година. Тоа треба да биде доволен поттик за натамошен развој на оваа индустрија. Планираме и други мерки, како што се ослободување од данок за преквалификација, обука, дообука во компаниите, ослободување од данок од трошоците кои се прават за лиценци за ИТ индустријата и слично – заклучи премиерот Заев.
Главниот извршен директор на „Скеил Фокус“ Бугарија, Иван Иванов и претседателот на Бордот на директори Пламен Цеков, во своите обраќања истакнаа благодарност до Владата и државните институции за поддршката и рекоа дека како инвеститори се чувствуваат многу добро во Северна Македонија и се задоволни од талентот на младите за инженерските и јазичните вештини, што е клучен чекор за понатамошен раст на компанијата во Западен Балкан.