Фото: Маја Јаневска-Илиева

Постепена енергетска транзиција во Македонија е неопходност и нешто неминовно во наредните децении, но можностите за брза транзиција се мошне ограничени. Кои се можните сценарија за надминување на енергетската криза и обезбедување долгорочна стабилност на енергетскиот систем во Македонија

Недостигот од електрична енергија и растот на цените укажуваат на потребата од редовно и сигурно снабдување со овој енергент. Драстичниот пораст на цените и кризата што ја зафати Европа, како и регионот и нашата земја, повторно го наметнуваат прашањето како до стабилно снабдување со струја, но и колку обновливите извори на енергија може да помогнат во овој процес.
Енергетските експерти напоменуваат дека без базна енергија, не е можна стабилност на енергетскиот систем. Тие укажуваат дека не е можно редовно задоволување на потребите од струја на граѓаните и стопанството само со енергија добиена од обнoвливи извори.
– Секако дека базната енергија не може да се замени со технологии на ОИЕ во енергетскиот систем. Кризата е последица од повеќе фактори, еден е гасење на термоенергетските капацитети на јаглен и нуклеарните централи во Европа. Друг фактор е зголемена цена на емисии на јаглероден диоксид, а трет изразито сува хидролошка година, производството на хидроцентралите е на најниско ниво. Со доаѓање на зимата, придонесот од фотоволтаичните централи драстично се намалува, а ветерната енергија е со силна, динамична и непредвидлива природа – објаснува професор Антон Чаушевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).
И поранешниот директор на ЕСМ, Драган Миновски, професор по енергетика и ОИЕ на Универзитетот во Штип, посочува оти производството на енергија од ветерните и од фотоволтаични електроцентрали е нестабилно и непредвидливо, потребни се капацитети за складирање и балансирање на ваквата енергија.
– Постојат повеќе начини за складирање, како што се пумпно-акумулациските електроцентрали (проектот „Чебрен“), но и други проекти како големи батериски системи или системи за склaдирање термална енергија, која би се претворала во електрична енергија – објаснува Миновски.

Според професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, колкаво ќе биде реалното производство на електрична енергија од обновливи извори зависи колку ќе изнесува факторот на искористување на капацитетот, кој за вакви постројки не е голем и зависи од метеоролошките и други услови.
– За реализација на такви проекти е потребно време, така што евентуалните придобивки за електроенергетскиот систем би се согледале по неколку години. Меѓутоа, тие ги имаат ограничувањата типични за постројките засновани врз обновливи извори на енергија, кои по природата на нештата се непредвидливи, непостојани (променливи) и функционираат испрекинато – посочува Филкоски.
Професорот Чаушевски за „Нова Македонија“ објаснува дека земјава нема голем избор за енергетски развој, бидејќи располагаме со нискоквалитетен јаглен за работата на два блока во РЕК „Битола“ до крајот на 2030 година.
– Располагаме со домашен нискоквалитетен јаглен, со околу 30-50 милиони тони, што може да снабдува два блока во Битола. Опцијата на Македонија е максимално искористување на капацитетите во РЕК „Битола“ во зависност од кондициската подготвеност. Опцијата со снабдување два блока може да биде до 2030-та, а потоа со еден блок до 2040-та. Во меѓувреме, изградба на една или повеќе нови централи на природен гас на локации погодни според топлинскиот конзум и електроенергетската мрежа. Со постојниот гасовод од Бугарија и новиот од Грција, капацитетот би бил до 2 милијарди кубни метри годишно, што во електрична енергија е околу 7-8 милијарди киловат-часа, колку се годишни потреби во Македонија. Колку од тоа ќе се искористи во гасни комбинирани централи зависи од развојот на енергетскиот сектор – појаснува професорот.

Тој се осврна и на нуклеарната енергија и објасни дека овој тип не е планиран во стратегијата за развој на енергетскиот сектор до 2040 година. Сепак, таа ниту е исклучена и останува како опција за во иднина.
– Денес во светот, покрај големите нуклеарни централи, се нудат и мали модуларни реактори до 300 мегавати што одговараат за помали енергетски системи. Со вакви мали модуларни реактори може да се планира етапно развојот на производствените нуклеарни единици во еден национален енергетски систем. Ако треба да се исклучат термоцентралите на јаглен поради високи пенали на емисија на јаглерод диоксид, но и поради недостиг од јаглен и застареност на опремата, опција во следниот период до 2050 година е природниот гас, кој емитира трипати помалку јаглероден диоксид по произведена електрична енергија. Нуклеарната опција бара подолг временски период на планирање и изградба, така штo оваа опција кај нас е реална по 2040 година – појаснува професорот Чаушевски и дополнува дека токму меѓу причините за оваа енергетска криза во Европа е исклучување на нуклеарните централи во Германија.
Тој посочува дека Франција и понатаму користи нуклеарна енергија, како и другите европски земји што имаат нуклеарни централи.
– Нуклеарните постројки се високопроизводствени капацитети, кои работат цела година на полна сила во електроенергетскиот систем. Во оваа енергетска криза ќе опстојат и профитираат земјите што имаат нуклеарни централи. Мислам дека оваа криза ќе поттикне многу земји да ја продолжат или засилат својата нуклеарна програма, а земјите што немаат нуклеарни електроцентрали ќе почнат да размислуваат за оваа опција – потенцира Чаушевски.

Да не се избрзува со затворање на домашните енергетски капацитети

Професорот Филкоски смета дека за да се обезбеди стабилност на енергетскиот систем, неопходни се базни енергетски постројки и постројки со кои ќе се балансира системот, а обновливите извори на енергија не спаѓаат во такви.
– Во суштина, една од главните причини за актуелната енергетска криза во европските земји е обидот за пребрза, исфорсирана и необмислена енергетска транзиција кон т.н. зелена енергија и затворањето на голем број класични термоенергетски објекти (на фосилни горива и нуклеарни постројки) – вели Филкоски.
Според него, важна поука од актуелната ситуација во енергетскиот сектор е дека треба да се одржуваат домашните енергетски објекти, а не да се избрзува со нивно затворање.
– Исклучително е важно да се вложат искрени сериозни напори за изградба на нови објекти, заради покривање на базните потреби за енергија. Најреална опција за постепена замена е изградба на комбинирани гасно-парни термоенергетски блокови на природен гас. На пример, одлично би дошле една или две комбинирани гасно-парни постројки на природен гас од типот на ТЕ-ТО. Нивната цена последниве години е мошне прифатлива, а по својата техничка природа се карактеризираат со одлични перформанси во однос на енергетската ефикасност, флексибилностa и можностa за релативно брзи промени на оптоварувањето. Тоа оди во прилог на комбинација на таквите постројки во енергетски систем со позначително учество на ОИЕ – дополнува Филкоски.
Професорот нагласува дека постепена енергетска транзиција во Македонија е неопходност и нешто неминовно во наредните децении, но можностите за брза транзиција се мошне ограничени, речиси и нереални, поради повеќе причини.
– Прашањето за т.н. чиста енергија е исто така дискутабилно, затоа што секогаш кога има одреден процес на енергетска конверзија, има и влијание врз околината. Тоа особено е точно ако зборуваме за целокупниот животен циклус на објектот или постројката. Значи, нема клучен момент за диверзификација на производството на енергија, туку тоа треба да биде процес. Мое мислење е дека за земја како Македонија, потребна е постепена енергетска транзиција со еволутивни чекори, со оглед на нивото на економски и севкупен развој. Притоа, мора да се води сметка за финансиско-економските можности на населението, карактеристиките на енергетскиот сектор, состојбата на електропреносната и дистрибутивната мрежа, степенот на поврзаност со соседните системи и други фактори – објаснува Филкоски.
Целосен премин кон ОИЕ, како што вели тој, засега е тешко достапна цел дури и за многу побогати држави, со многу подобро интегрирани електроенергетски системи со соседните земји, како на пример Словенија и Чешка.
– Сметам дека е потребно напуштање на јагленот, но не на многу краток рок, туку во период од 10 до 20 години. Во меѓувреме, одговорните треба да се погрижат за соодветна замена. Блоковите од РЕК „Битола“ секако ќе бидат постепено затворани, но тоа не смее да се случи веднаш или во наредниве две-три години. Најреална опција за постепена замена е изградба на комбинирани термоенергетски блокови на природен гас – смета Филкоски.

Вклучување на граѓаните во енергетската транзиција

Поранешниот директор на ЕСМ, Миновски, смета дека нашата држава треба да ги искористи предностите, а тоа е сончевата енергија, и да овозможи поголема искористеност на сонцето од домаќинствата. Истовремено потенцира дека граѓаните мора да бидат вклучени во процесот на енергетска транзиција.
– Нашата држава има многу сончеви денови и покрај овие инвестиции во големи фотоволтаични електроцентрали, потребно е да се овозможи поставување на фотоволтаични електроцентрали и на домаќинствата, да се овозможи формирање енергетски задруги и да се овозможи поголемо партиципирање на граѓаните во процесот на праведната енергетска транзиција. Без учество на граѓаните во процесот на енергетската транзиција, овој процес на крајот ќе биде со големи последици за нив – додава Миновски.
Тој посочува дека за да се постигне вистинскиот ефект од праведната енергетска транзиција, потребни се брзи реформи во енергетскиот сектор, формирање енергетски тела што ќе го следат тој процес и ќе даваат насоки за инвестирање и имплементирање правилни енергетски политики. Според него, тешко дека ќе успееме до 2030 година да имаме 100 отсто производство од ОИЕ, а притоа сите фосилни горива да бидат исклучени.


Бесими: Нема да има значително зголемување на цената на струјата

Понудата што ЕСМ треба да ја даде кон универзалниот снабдувач ќе биде на ниво што нема да предизвика некое значително зголемување на цената на електричната енергија, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими, но не сакаше да калкулира со бројки, посочувајќи дека тоа ќе го каже Регулаторната комисија за енергетика.
– Во однос на цената на електричната енергија, имаме дадено на ЕСМ речиси пет милијарди за обезбедување дополнителни ресурси за производство на електрична енергија или снабдување со електрична енергија за регулираниот пазар. Како што беше најавено, ќе има понуда од ЕСМ кон универзалниот снабдувач на електрична енергија, која веројатно, според тие процени, ќе биде на ниво што нема да предизвика значително зголемување на цената на струјата – кажа Бесими.

Катерина Михајлова
Петранка Огнаноска