Почетните резултати од примената на дуалното образование се многу мали за да сметаме веднаш дека е пронајдено решението за големиот расчекор помеѓу кадрите што произлегуваат од образованието и побарувачката на пазарот на трудот. Но тоа е добар почеток за наоѓање конечно и ефикасно решение, велат експертите со кои се консултиравме, истовремено нагласувајќи дека ако сакаме да имаме успешно дуално образование, ќе мора да имаме истовремено и кариерно насочување на крајот од основното образование, но и приемни испити на факултетите
Навестување за подобри денови со синхронизација меѓу образованието и побарувачката на пазарот на трудот
Многу од студентите и учениците во стручните училишта, иако формално добиваат дипломи, не понесуваат со себе знаење и вештини со кои би биле конкурентни на пазарот на трудот. Големиот расчекор помеѓу кадрите што произлегуваат од образованието и побарувачката на пазарот на трудот е резултат на повеќе објективни, но и субјективни фактори, на пример постои хроничен расчекор меѓу образовните политики што ги креираат државните институции и потребите на пазарот на трудот. Тој расчекор го следат и државните институции со несинхронизирани потези со образовните институции… Објективните фактори даваат лоши резултати во комбинација со субјективните, на пример тоа е погрешниот избор на студии од страна на студентите, велат од бизнис-секторот.
Дуалното образование е решение за несинхронизираноста?
Јазот помеѓу кадарот и реалната потреба на економијата почна да се усогласува со примена на дуалното образование од 2017 година, но колку е успешно функционирањето на овој модел, дали воопшто се согледува напредок во продуцирање профилирани кадри што стекнатото теоретско знаење во училиштето го унапредуваат и спроведуваат преку директна практична работа во компаниите, притоа водејќи сметка за потребите на работната сила на пазарот.
– Дуалното образование во нашата земја е на самиот почеток. Првите пилот-проекти беа навистина успешни, но треба да истакнеме дека се работи за реномирани компании што исплаќаат поголеми плати. Проблемот се јавува кај компаниите што работат производи со помала додадена вредност и исплаќаат помали плати. Таму се соочуваме со проблемот на незаинтересираност на младите луѓе за вработување во овие дејности. Некои од младите го запишуваат кое било образование за да се стекнат со некаква диплома, но не се заинтересирани за вработување во областа за која се школуваат – објаснува Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија.
Проблемот на расчекорот на потребите и понудата на кадар на пазарот на трудот се огромни, напоменува тој, и ова е најголемата пречка за идниот економски раст во земјата.
– Почетните резултати од дуалното образование се многу мали за да го решат овој проблем. Не треба дуалното образование да го гледаме издвоено од другите состојби во земјата. За да имаме успешно дуално образование, ќе мора да имаме истовремено и кариерно насочување на крајот од основното образование, но и приемни испити на факултетите. На овој начин ќе обезбедиме учениците со пониско знаење да се запишуваат во средните стручни училишта, а подобрите ученици на факултет – потенцира Димитров.
Според него, истовремено мора да се подобри квалитетот и на средното и на високото образование за да не се добиваат фиктивни дипломи што не гарантираат минимум знаење.
– Дуалното образование во развиените држави, а особено во Германија, Австрија, Швајцарија навистина дава одлични резултати. Тие завршени ученици покрај теоретското, поседуваат и практично знаење и се подготвени за вработување во стопанството – посочува Димитров.
Како што вели тој, нашата земја ќе треба прво да ги промени законите во областа на образованието и наместо пилот-проекти, дуалното образование да биде задолжителна форма кај средните стручни училишта.
– Од друга страна, пак, компаниите треба да бидат подготвени да им исплаќаат одреден надомест на учениците за време на практичната настава, а за што исто така се потребни одредени измени во даночната политика. Сметам дека дуалното образование навистина може многу да ја смени сликата на пазарот на трудот – појаснува Димитров.
Бројот на ученици во стручните училишта е поголем за шест отсто од лани
Надлежните од Стопанската комора на Македонија велат дека преку анализите што ги изработувале, уште во 2007 година го детектирале проблемот со недостиг од кадар и уште тогаш почнале со интервенции во стручното образование, преку воведување на дуалното образование како најсоодветен и најефикасен начин за градење стручен и квалификуван кадар.
– Во 2017 година со поддршка на комората, 11 компании се вклучија во соработка со средните стручни училишта, најмногу од нив беа компании со странски капитал за чија корпоративна култура јавно-приватното партнерство со училиштата претставуваше добро позната практика за создавање кадар со адекватни знаења и вештини. Набрзо ваквата практика беше препознаена и од македонските компании и се постигна бројката од 211 компании вклучени во конкурсот за упис во средните училишта, што говори за сериозната посветеност и волја за вклученост на приватниот сектор во креирањето на образовните политики, но и во унапредувањето на стручното образование преку отворање на вратите за учениците – истакнуваат од комората.
Оттаму посочуваат дека станува збор за голем исчекор, за кој допрва ќе може да се видат резултатите преку новите 97 дуални паралелки, од кои 11 се од веќе постојните програми, додека 86 паралелки се резултат на соработката на компаниите со стручните училишта.
– Компанијата ЕВН, како лидер во дуалното образование, веќе ги доби своите први колеги што успешно го завршија стручното образование од квалификацијата електромонтери, нешто што пред само три години изгледаше невозможно – преку интервенција во формалното образование да се обезбеди кадар во согласност со потребите на пазарот – велат од СКМ.
Од година на година, споменуваат од комората, евидентно е зголемувањето на интересот за стручните училишта, па оваа учебна година бројот на ученици запишани во стручните училишта е поголем за шест отсто во споредба со минатата година.
– Позитивните кампањи што се водеа, поголемата вклученост на приватниот сектор, како и најавата за зголемување на стипендиите за учениците во стручните училишта дополнително влијаат за зголемување на атрактивноста за овие образовни профили, кои нудат можност за брз и лесен трансфер од училишна клупа во работна средина – сметаат од СКМ.