Со оглед на придобивките од извозната диверзификација и позитивните ефекти што таа би ги имала врз домашната економија, ги запрашавме бизнисмените како да се дојде до раст на извозот на домашните продукти, дали недостигаат поддршка за извозните компании, поголема технолошка обработка на производите, квалитет, подобро вмрежување со странски партнери…?
Малите економии мораат да го темелат растот на голема трговска размена со странство
Извозот за мали економии како нашата има стратегиско значење, особено за растот на животниот стандард, но нашиот извоз се карактеризира пред сѐ со мал избор на производи, од кои најголем дел се полупроизводи, или производи за доработка. Од почетокот на годинава се забележува раст на извозот од земјава, особено на производи од компаниите лоцирани во технолошко-индустриските развојни зони. Со оглед на придобивките од извозната диверзификација и позитивните ефекти што таа би ги имала врз домашната економија, ги запрашавме бизнисмените како да се дојде до раст на извозот на домашните продукти, дали недостигаат поддршка за извозните компании, поголема технолошка обработка на производите, квалитет, подобро вмрежување со странски партнери…?
Бизнисмените посочуваат дека недостига и иницијатива во бизнис-заедницата, но и поддршка од државата при пласманите во странство. Наедно дополнуваат дека нашите компании треба да го искористат знаењето на странските компании во нашата земја, кое потоа би го искористиле за пласман на поквалитетни производи до други странски компании.
– Извозот за една мала економија како што е нашата е неопходен за раст и развој. Малите економии како што е нашата, по дефиниција мораат својот раст да го темелат на огромна трговска размена со странство. За поголем извоз, најпрвин е потребно зголемување на производството и услугите, а тоа може да се стори со поголеми инвестиции во современа опрема и поголемо знаење. За жал, во минатото растот на нашиот извоз главно се должеше на зголемување на бројот на вработени, а не врз база на современа технологија, иновации и знаење.
Дури ниту инвестициите во технолошко-развојните индустриски зони не ја променија таквата структура, затоа што, со ретки исклучоци, таму се инвестираше во производни капацитети што вработуваа работници со ниски квалификации. На крајот, сето тоа резултираше со ниската продуктивност во нашата индустрија – објаснува претседателот на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.
Димитров објаснува дека уште еден проблем за нашата држава е што Македонија извезува многу мал број на производи и во многу малку земји. Тој прави споредба со Словенија и посочува дека таа остварува 5,5 пати поголем извоз од нашиот. Димитров појасни дека Словенија извезува 1.076 производи, а Македонија само 447 производи. Притоа, како што дополни Димитров, Словенија извезува производи во вредност над 250.000 евра во 150 земји во светот, а Македонија во помалку од 80 земји.
– Теоретски се мисли дека земјите што имаат ваква мала економија и мал извоз немаат пречка за пласман на странските пазари. Но сепак на странските пазари постојат огромен број на таканаречени „неформални трговски бариери“, кои многу често се проблем за зголемување на нашиот извоз. Овде може да се вклучи државата и да помогне околу промоцијата и олеснување на нашиот пласман на тие пазари. Во време на социјалистичка Југославија тоа го правеа големите трговски куќи како „Генекс“, „Југоекспорт“, нашите „Макотекс“, „Интекс“, „Технометал“ и други големи компании преку своите претставништва во најголемите светски метрополи. Денес нашите компании се оставени сами на себе да се борат на светските пазари, а ова е особено тешко за нашите мали и средни претпријатија, кои немаат капацитети тоа да го прават – вели Димитров.
Според него, за поголем извоз, неопходно е да се ослободат од плаќање царина и ДДВ репроматеријалите што се увезуваат за потоа преработени и вградени во наши производи повторно да се извезуваат во странство. На прашањето како до поголемо поврзување на домашните компании со странските фирми што работат во зоните, Димитров вели дека најголема пречка за поврзување на нашите компании со компаниите во ТИРЗ-овите е немањето домашно производство на суровини што ги користат овие компании, поради што севкупните потреби од суровини и репроматеријали тие ги увезуваат од странство.
Еден од коосновачите на компанијата „Македонија експорт“, кои се извозно ориентирани, Калин Бабушку, за „Нова Македонија“ објаснува дека последните бројки од економијата покажуваат постепен раст на извозот, што, според него, се должи на раздвижувањето на глобалните економии, од кои нашата земја е многу зависна.
– Она што мене многу ме загрижува е што поголемиот број македонски извозно ориентирани компании ништо не направија во овој вакуум-простор (вакуум-простор го нарекувам периодот кога цел свет беше затворен и кога всушност и се намали продажбата глобално поради затворањето на границите, отежнатиот транспорт и ред други причини). Овој период требаше да се искористи за подобрување, унапредување или автоматизирање на производните капацитети, пoдобрување на брендирањето и организациската поставеност, но напротив, останаа на исто – укажува Бабушку.
Тој дополни дека покрај слабиот интерес на компаниите за себеподобрување, се има впечаток дека „и државата го занемари извозот и го изгуби истиот период со главен фокус на преживување на фирмите, но не и помош за извоз“.
– Ова не беше случај и со другите, поголеми и помоќни земји, кои работеа во заднина и сега, откако светот се подотвори, веќе имаат една предност, а нашите извозни фирми се оставени сами на себе. Имајќи го ова предвид, има многу места каде што може да се зголеми извозот, но треба еден стратегиски пристап кон тоа. Тука треба да бидат вклучени државата и нејзините институции, но и коморите и целиот реален сектор. Извозот е спасот на една земја и ние никако да го разбереме тоа и сѐ додека не го разбереме тоа, ќе тапкаме во место. Парцијални решенија не доведуваат до успех – потенцира Бабушку.
Наедно тој дополнува дека претставништвата на големите корпорации во земјава се дел од светските големи корпорации, кои го искористија изминатиот период за свое позиционирање и, според него, сосема нормално е да се очекува оти тие ќе ги мрднат извозните бројки нагоре.
– Сите овие компании користат (кои повеќе, кои помалку) услужни дејности од македонските компании и тие влијаат индиректно во развојот на локалната економија. Она што ние можеме да искористиме од нив е ноу-хау и како да ги подобриме процесите и квалитетот на производите, да почнат компаниите да произведуваат и сопствени продукти и да ги нудат и на други слични компании во светот – заклучува Бабушку.