Дуалното образование има незаменлива улога во обезбедувањето соодветна работна сила со потребните вештини и компетенции за поддршка на економскиот пораст, согласни се стопанствениците
Дуалното образование треба да ја усогласи големата разлика што сега постои меѓу расположивиот кадар и реалната потреба на економијата. Формалниот систем за образование не произведува кадри кои имаат квалификации што ги бара приватниот сектор. Потребно е успешно справување со предизвиците на глобализацијата и изострената конкуренција на пазарот, како и обезбедување стручен кадар со соодветни знаења и вештини што ги бара пазарот на трудот.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, на трибината „Предизвици за подобрување на дуалното образование – идни чекори“, што вчера ја организираа Стопанската комора на Македонија и Европската бизнис-асоцијација, истакна дека искуствата се земаат од развиените земји како Австрија, Германија, Швајцарија, но тие ќе се приспособат во модел соодветен на нашите услови и потреби.
– Учениците ќе бидат вработени во компании уште додека се школуваат, ќе имаат одредени денови во седмицата кога во средните стручни училишта ќе следат теоретска настава, а во преостанатите денови практично ќе се едуцираат во компаниите. За разлика од развиените земји каде што во дуалното образование се вклучени цели паралелки, во нашиот приспособен модел паралелките ќе бидат мешани и во секој град точно ќе се детектира какви се потребите на секоја компанија. Ученикот ќе учи и ќе работи во исто време, и во периодот на учењето ќе добива плата што законски ќе биде регулирана и ќе биде здравствено и пензиски осигурен – истакна Анѓушев.
Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија, посочи дека оваа реформа бара измена на многу закони, а темел на реформата е да се намали бројот на факултетите, а да се зголеми бројот на средните стручни училишта.
– Во моментов имаме 190 факултети, а 135 средни училишта. Странските инвеститори ќе имаат потреба од кадар и тој ќе мора да се создаде. Политиката на високо образование што се форсираше во изминатите години треба да остане зад нас и да ги отвори портите за ова – додаде Азески.
Според Наташа Јаневска, самостоен советник во Стопанска комора на Македонијa, пред три години дуалното образование беше процес на препознавање, но сега станува потреба за компаниите. Ваквиот тип образование игра клучна улога во интеграцијата на образованието и обуката во процесот на обезбедување стручни знаења, развој на вештини и компетенции, како и вклучување во процесот на работа со фокус на технолошките и работните процеси – вели Јаневска.
Како што истакна таа, дуалното образование има незаменлива улога во обезбедувањето соодветна работна сила со потребните вештини и компетенции за поддршка на економскиот пораст на општеството, имајќи го предвид извештајот на ЕК за нашата држава, во кој стои дека околу 80 отсто од невработените се долгорочно невработени, како резултат на неусогласеност на вештините.
– Иако дуалното образование станува неопходно за да се воспостави рамнотежа помеѓу побарувачката на оспособена работна сила и понудата на релевантни квалификации, во процесот на воведување се воочуваат низа предизвици и се јавува потреба од системски пристап на решавање на предизвиците.
Според Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија, кај нас има недостиг од работна сила со потребните квалификации. Најголем недостиг имаат компаниите од преработувачката индустрија, кои имаат отворени огласи за вработување на кои не се јавуваат работници.
– Причината за недостигот од работници е резултат на огромниот расчекор помеѓу потребните занимања и понудата на кадар. Имено, структурата на нашето стопанство е таква што најмногу се бараат едноставни мануелни работи и средни стручни занимања. Од друга страна, најголемиот број млади завршуваат некакво високо образование и тоа од општествените науки и не сакаат да конкурираат на работни места каде што се бара средно образование – објаснува Димитров.
Горан Рафајловски од „Рафајловски консалтинг“, член на Стопанска комора на Македонија, вели дека е неопходна сериозна економска програма изработена врз основа на попис, која ќе покаже што ни недостига.
– Ние како бизнис-заедница веќе со години бараме да се направи економска програма, да знаеме што навистина поседуваме, каков кадар имаме и кон што се стремиме. Проблемот не е лесно решлив, ова е навистина сериозна тема на која ѝ е потребен сериозен пристап – објаснува Рафајловски.
Тој истакнува дека на нашиот пазар недостигаат образовани среднисти, како електричари или работници во дрвната индустрија, а од друга страна имаме голем број млади што завршуваат општествени науки и нема каде да се вработат.
Друг проблем, како што вели тој, е што веќе со години Владата е најголемиот работодавец, што е лошо за развојот на економијата.