Спас од мувлата, велат енергетичарите, може да се бара и во разните средства со кои таа се премачкува, како и во подигнувањето на температурата на воздухот за да не се дозволи кондензација на ѕидовите. Но во меѓувреме, мувлата многу штетно влијае врз здравјето на луѓето
Многу домаќинства во обид да ја подобрат енергетската ефикасност на своите домови вршат замена на старите дрвени врати и прозорци со нови ПВЦ, кои ги оневозможуваат надворешните влијанија, вклучувајќи го и струењето на воздухот. Но не сите по едно вакво финансиско вложување го почувствувале благодатот на енергетската ефикасност. Иако можеби добиле позагреани простории, некои од корисниците се соочиле со една комплексна и, пред сѐ, штетна за здравјето појава – мувла на ќошевите од таканаречените надворешни ѕидови. Експертите по енергетика потврдуваат дека мувлата е многу непријатна појава, но едновремено и многу сложен проблем, кој, според нив, не е резултат ниту на ПВЦ-материјалите ниту пак на лошата изведба при вградувањето на новите прозорци и врати.
– Кога ќе се сменат прозорците во самиот простор станува потопло, се смалува инфилтрацијата, влегувањето воздух однадвор, што било случај пред замената на старите прозорци. Од самиот воздух внатре и од дишењето на луѓето што живеат во тој дом се создава водена пареа и кога имате топлотна изолација во ќошевите, особено на бетонските ѕидови се подлизува и кондензира влагата, се создаваат капки и се добива средина погодна за создавање мувла. За да не дојде до тоа, потребно е во просторијата да се обезбеди зголемена вентилација, да се подобри надворешната изолација за ѕидовите однатре да не се студени, бидејќи температурната разлика создава проблем. Колку повеќе изолирате толку повеќе проблемот се смалува. Тука можат да помогнат и клима-инвертерите, бидејќи тие имаат систем за сушење, па ќе ги исушат влажните ѕидови. Со него ќе се спречи создавањето влага. Елиминатор на влага е исто така спас, бидејќи ја кондензира водата, а секако делумно ќе помогне и клима-уредот, кој ќе спречи да се појави онаа точка на роса на ѕидовите.
Слабата изолација на објектите секогаш е проблем. Појавата на влага и мувла може да биде и резултат на градежните пропусти на фасадите. Појавата на мувла е еден од најтешките проблеми за решавање и често се појавува во домовите на оние што во намерата да добијат подобра енергетска ефикасност сега се судираат со овој проблем. Технички може да се реши со повеќе загревање или почесто проветрување – појаснува професор д-р Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност.
Спас од мувлата, велат енергетичарите, може да се бара и во разните средства со кои таа се премачкува, како и во подигнувањето на температурата на воздухот за да не се дозволи кондензација на ѕидовите. Но во меѓувреме, мувлата многу штетно влијае врз здравјето на луѓето. Независно дали е во дневната соба, спалната или кујната, сега зимно време кога и подолго се престојува во домовите и кога поради пандемијата на ковид -19 се учи и се работи од дома, мувлата негативно влијае на воздухот што сите го дишат во таа просторија. Уште е пострашно ако во неа е изолиран некој што има или веќе боледувал од ковид-19 или од некое друго заболување на дишните патишта.
– Луѓето со алергии се многу чувствителни и многу поподложни на габични инфекции. Мувлата е средина каде што габичните инфекции најдобро виреат и се размножуваат.
Пациентите со алергии и хронични опструкции се првите што реагираат на влагата и кај нив веднаш се јавуваат тешкотии при дишењето со појава на затнат нос, сува кашлица, стегање во градите, чувствителност на очите и носот, како и црвенила на кожата. Тие, пак, со дијагностицирана астма со изразена чувствителност може да имаат и поинтензивна реакција од типот на свирење во градите, со тешки опструкции и нозокомијални инфекции. Превентивни мерки за да се избегне изложеност на мувла во домашни услови се да се елиминираат изворите, најчесто во подрумите протекување на цевките и истекување од подземните води.
Потоа може да се употребат освежувачи на воздухот за да се одржува влажноста на воздухот под 50 отсто. Исто така може да се употребат клима-уреди за згревање со специјални филтри, кои често ќе се менуваат. Потребна е соодветна вентилација во бањите за капење каде што ќе нема теписи во бањите и потребно е да нема подземни води во близината на местото на живеење. Собите што имаат повеќе цвеќиња, ѓубрива или книги, како библиотеки, секогаш треба да се проветрени и чисти. Ваквите компликации кај овие пациенти почесто се јавуваат во есенскиот и зимскиот период. Терапијата се одредува зависно од нивото на опструкција и сатурација на кислород во крвта кај секој пациент индивидуално – вели д-р Славица Кјуксановска специјалистка по интерна медицина при ЈЗУ Здравствен дом – Скопје.