Согласно последните макроекономски и фискални движења се очекува во 2021 година да се врати економскиот раст и да ги надмине шоковите од пандемијата, соопшти Владата.
Предвидувањата се дека со закрепнувањето на надворешната побарувачка, што силно влијае на нашиот извоз, како и растот на домашната потрошувачка поддржан од антикризните економски мерки да бидат двигатели на економскиот раст, кој е проектиран на 4,1 отсто.
Реализацијата на капиталните расходи во Буџетот во првиот квартал на оваа година изнесува 16,5 отсто во однос на вкупните планирани капитални расходи за 2021 година, односно, споредено со истиот квартал во 2020 година, кога немаше економска криза заради пандемијата, бележи раст од 97,7 отсто, соопшти Владата.
Споредено со првиот квартал од минатата година, кога пандемијата со коронавирусот сѐ уште немаше влијание на економијата, вкупните остварени приходи во Буџетот изнесуваат 48.549 милијарди денари, што е повеќе за 4,4 отсто од истиот период во 2020 година, односно за 5,4 отсто повеќе од првиот квартал во 2019 година.
Во овој раст учествуваат речиси сите видови даночни приходи и приходите од придонеси и сите бележат раст во првиот квартал споредено со истиот квартал во 2020 и 2019 година.
Во јануари просечната плата забележа годишен раст од 2,7 отсто, пред сѐ како резултат на зголемувањето на платите во здравството.
Според информацијата на Министерството за финансии, во јануари 2021 година извозот на стоки пораснал за 15,4 отсто на годишна основа, со што со засилена динамика продолжија позитивните движења во овој сегмент. Увозот на стоки е со раст од 5,3 отсто и придонесе трговскиот дефицит во јануари да се намали за 29 отсто, а трговијата на мало во истиот период забележа раст од 2 отсто.
Позитивни трендови се утврдени и во кредитирањето на населението и стопанството. Во февруари вкупните кредити се зголемија за 4,4 отсто на годишна основа, во услови на раст за кредитите за домаќинствата за 7,1 отсто и за раст на кредитите кон компаниите од 1,4 отсто. Вкупниот депозитен потенцијал во февруари оствари годишен раст од 7,1 отсто.