Владата донесува вистински одлуки за време на пандемијата ковид-19. Нашата држава повеќе не е последната земја во Европа која нема онлајн игри на среќа.
Со уредбата врз основа на која приредувачите на игри на среќа можат да ја организираат својата работа преку интернет, која е донесена во тешки времиња за граѓаните и економијата, Владата на Република Северна Македонија покажа дека прави сè за да ги спречи или намали последиците од пандемијата. Воведувањето на онлајн игри на среќа е повеќекратно позитивно за државата бидејќи со ова се спречува одливот на пари во други земји, се зголемува наплатата на данокот, се чуваат работните места, се развиваат дополнителни дејности кои ја следат оваа гранка од индустријата, се овозможува подобра контрола, се зголемува безбедноста на граѓаните со бесконтактно учествување во игрите на среќа.
Повеќекратните предности од оваа одлука на државата вистински ќе се почувствуваат во наредниот период. Оваа одлука покажува дека во тешки времиња не треба да се престанува со работа, туку да се бираат патишта на сигурен технолошки напредок за општото добро. Со ова Владата покажа полн капацитет, како и дека мисли на економијата, на сигурноста на граѓаните и на иднината на државата.
На овој начин, една важна гранка од индустријата се прилагодува на новонастанатите услови и продолжува со работа. Со можноста приредувачите на игри на среќа да ја работат својата дејност, се спасуваат околу 8.000 работни места од овој сектор. Ако на тоа додадеме и барем уште 20.000 работни места кои индиректно ги обезбедува оваа индустрија, одлуката на Владата уште повеќе добива на значење. Дополнително, податоци од Министерството за финансии покажуваат дека околу 40 милиони евра се прибираат по основ на посебната давачка од оваа индустрија, а треба да се земе предвид и персоналниот данок на доход од игрите на среќа кој учствува со околу 10 отсто од вкупно прибраниот персонален данок. Со оваа уредба, овој износ дополнително ќе се зголемува.
Како оценува стручната јавност, пандемијата ковид-19 претставува силен удар за глобалната економија на која никој не е отпорен, но охрабрува тоа што државните органи имаа навремена реакција и решение како на сите би им олесниле. Со новонастанатата ситуација, на индустријата на игри на среќа ѝ е оневозможено работењето и директно трпи огромни финансиски загуби. Меѓутоа, со новата уредба и можноста за повторно работење, дополнително се сите охрабрени.
Според проценките на економистите, помеѓу 40 и 50 милиони евра годишно одат во други земји за онлајн обложување и игри на среќа. Со ова законско решение за онлајн игри на среќа овие средства ќе бидат насочени кон домашниот буџет. Со можноста нашата држава, како и сите земји од регионот, да имаат вака организирана игра, загарантирани се дополнителни буџетски приходи и подобри услови за играчите.
Исто така, оваа уредба претставува разумен одговор на забрзаниот развој на технологија и дигитализација кои целосно го променија начинот на живеење, а доведоа и до бројни промени во бизнисот и забавата. Дефинитивно, една од најголемите предности на онлајн обложувањето е неговата комплетна достапност. Повеќе не треба да сте физички присутни на уплатно-исплатните места и да чекате редици за да одиграте тикет, бидејќи сега ова ви е достапно од било кое место и во било кое време. Исто така, постои зголемена понуда на промоции и бонуси, наменети за играчите регистрирани на сајтовите за игри на среќа.
Интернет приредувањето игри на среќа е уште еден доказ дека Македонија ги следи светските трендови, со оглед на фактот дека голем број држави веќе одамна го имаат предвидено ова во своите законски регулативи.
Сега останува уште администрацијата да го одработи својот дел од работата и оваа Уредба да почне што поскоро да се применува, со цел што поефикасно санирање на настанатата штета како последица на пандемијата. Би било голема штета ваков добар потег на Владата да не се материјализира во целост, бидејќи со секој ден одлагање на примена на Уредбата, државата и економијата трпат големи загуби.
Висок степен на општествена одговорност
Важно е да се истакне дека компаниите кои се бават со приредување на игри на среќа во нашата земја беа многу активни кога е во прашање општествено одговорната работа и помош на државата и општеството, особено на оние најзагрозени региони кои се погодени од последиците на ковид-19. Овие компании помогнаа на здравствени установи, организираа набавка и дистрибуција на пакети за помош на најзагрозените, донираа телевизори на центрите за грижа на деца и за нега на стари лица.