И покрај оптимизмот на Владата дека во последниот квартал од 2020 година има некои позитивни сигнали за заживување на економијата, најновите случувања со зголемениот број заразени со новиот британски сој на вирусот и отсуството на вакцинацијата го засенуваат овој оптимизам
Отсуството на една позабрзана постапка на вакцинација создава неизвесност и нервоза кај дел од претприемачите за движењето на работата, процесите на производство на стоки и услуги, извозот на производи, особено затоа што терцијалните дејности што носат одреден степен на буџетска потрошувачка сѐ уште се во безизлезна ситуација. Сите надежи за надминување на оваа здравствено-економска криза беа насочени кон вакцините и кон брзата имунизација на населението, но темпото на нивна испорака не оди според очекувањата.
Според претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, нема јасна слика во однос на вакцинацијата на населението и поради тоа што има голема неизвесност кога ќе почне целиот процес, не може да се размислува за некаков раст и враќање на економијата во нормала.
– Ако зборуваме на регионално ниво, нашата држава заостанува во процесот на вакцинација и тоа создава уште поголеми тешкотии, поради тоа што некои од компаниите сме поврзани и регионално и на европско ниво, но и пошироко, и сметам дека во ваква состојба, ако Владата не ја следи ситуацијата со анализи на сите компании, каде што има дел што е на работ на банкрот и на отпуштање вработени, тој момент ќе биде многу потежок, да се враќаат во нормала компаниите, отколку Владата да се сконцентрира на одржување на егзистенцијата на тие бизниси – споменува Хоџа.
Тие како комора, вели тој, апелирале неколкупати компаниите што се затворени со уредба на Владата да се најде начин да се одржат ликвидни, да можат нивните оперативни трошоци да се покријат, бидејќи веќе е помината една година и тие не можат да опстојуваат.
– За да опстојуваат и да се враќаат во нормала, компаниите треба да се одржат живи, се со цел да можат побрзо да имаат отскок и целата економија да заживее – додава Хоџа.
Претседателот на Организација на работодавци на Македонија се согласува дека нашата држава во моментов заостанува во процесот на вакцинација во споредба со регионот, но вели дека гледајќи ги бројките, јасно е дека ниедна земја нема направено значителен скок во процентот на вакцинирано население од вкупниот број на жители.
– Македонија е мала земја и има шанси ако побрзо стигнат вакцините и покрај почетното заостанување во процесот на вакцинација, набрзо да стане лидер. Имајќи ги предвид движењата на бројот на новозаразени со коронавирусот, јасно е дека не може да очекуваме брзо искоренување на вирусот и тој ќе потрае најмалку уште шест месеци. А вакцинацијата може овој период да го скрати и бројот на новозаразени да почне побргу да се намалува – смета Димитров.
Од друга страна, пак, додава тој, секое одложување на отворањето на малопродажните објекти во европските земји ѝ прави огромни штети на македонската економија.
– Преполните магацини со готови производи уште од минатогодишните сезони се голем товар за компаниите. Во Европа се размислува како да се постапи по отворањето на економијата. Дали е потребно одредена државна интервенција за субвенционирање на продажбата на овие веќе „застарени“ модели, за да може да се почне со нов производствен циклус – нагласува Димитров.
Тој вели дека нашата економија е силно поврзана со европската и голем број компании немаат доволно нарачки и работат со многу мал капацитет, а сето тоа прави притисок врз зачувувањето на работните места.
– Петтиот сет мерки за помош на стопанството може да помогнат да се „спасат“ голем број работни места. Некои работодавци, не можејќи да го издржат тој притисок, веќе почнаа со отпуштања. Затоа е неопходно пратениците во македонскиот парламент да покажат одговорност за донесувањето на овие закони. Не смеат партиските интереси да ги ставаат пред државните интереси на земјата – истакна Димитров.
Според него, и покрај оптимизмот на Владата дека во последниот квартал од 2020 година има некои позитивни сигнали за заживување на економијата, најновите случувања со зголемениот број на заразени со новиот британски сој на вирусот го засенуваат овој оптимизам.
– Затоа мораме да сфатиме дека многу мал број дејности и компании можат во овој период да размислуваат за нови инвестиции и зголемување на активностите. За жал, поголемиот број компании и во овие шест месеци.