Централноамериканската држава Салвадор почна со поставување специјални банкомати, што ќе им овозможат на нејзините граѓани да ја разменат криптовалутата биткоин за долари, кои ќе ги подигнат како готовина, пренесува „Блумберг“.
– Владата на Салвадор ќе постави 200 банкомати како придружба на дигиталниот паричник „Чиво“. Трансакциите ќе бидат бесплатни. Усвојувањето на биткоините за Салвадор ќе значи заштеда од 400 милиони долари годишно, кои се плаќаат како надоместоци за примање на дознаки од странство – објави претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, на Твитер.
Законот за биткоини во Салвадор ќе стапи на сила на 7 септември, со што Салвадорците ќе можат да го симнат дигиталниот паричник преку Интернет, да се регистрираат и со тоа ќе добијат 30 долари во биткоин противвредност.
Министерот за финансии, Алехандро Зелаја, информираше дека владата креирала фонд од 150 милиони долари како поддршка за конвертирање на биткоини во долари.
Салвадор во јуни го одобри усвојувањето на водечката криптовалута биткоин како законско средство за плаќање, станувајќи првата држава во светот што формално ја усвои дигиталната валута.