Цените на нафтата на светските берзи паднаа за над 13 отсто
Цените на нафтата на светските берзи минатата недела се намалија за повеќе од 13 отсто, паѓајќи на најниското ниво за повеќе од една година, поради ширењето на коронавирусот во светот.
На лондонската берза цената на барелот минатата недела падна за 13,7 отсто, на 50,52 долари, што е нејзин најголем неделен пад од јануари 2016 година.
На американскиот пазар, цената на барелот падна за 16,1 отсто, на 44,76 долари, што е нејзина најголема неделна загуба од декември 2008 година.
Падот на цените е последица на вестите што покажуваат раст на бројот на новозаразени од коронавирусот во светот, најмногу во Јужна Кореја, Иран и во Италија.
Маск: Кинеската економија ќе биде двојно поголема од американската
Извршниот директор на „Тесла“ и „Спејс икс“, Илон Маск, предвидува дека кинеската економија на крајот ќе ги надмине САД барем двојно.
– Кинеската економија веројатно ќе биде барем двојно, можеби и трипати поголема од економијата на САД – рече Маск за време на разговорот со генерал-потполковникот Џон Томпсон на симпозиумот на воздушните сили во Орландо, на Флорида.
САД во моментот се најголема светска економија, со 21,44 илјада милијарди долари номинален БДП, што е четвртина од светската економија. Кина е брзорастечка економија, со БДП од 14,14 илјада милијарди долари, според податоците на Насдак.
Со оглед на фактот дека Кина има четири пати повеќе население од САД, Маск додаде дека тоа придонесува Кина економски да ги надмине САД. Според американскиот попис, во САД живеат околу 330 милиони луѓе, додека во Кина живеат над 1,3 милијарда.
Г7 сака да го ограничи
влијанието на коронавирусот
врз економскиот раст
Земјите од Г7 ќе преземат усогласени акции за да се ограничи влијанието на коронавирусот врз економскиот раст, изјави францускиот министер Бруно Ле Мер, кој најави дека министрите за финансии на Г7 ќе разговараат по тоа прашање во текот на оваа недела.
– Реакциите ќе бидат усогласени. Вчера разговарав со претседателот на Г7 и оваа недела ќе имаме телефонски состанок за да ги координираме акциите – рече Ле Мер за француските медиуми.
Тој додаде дека министрите за финансии на еврозоната исто така ќе комуницираат, а ќе разговараат и со шефицата на Европската централна банка, Кристин Лагард.
– Мораме да постапуваме така што влијанието на коронавирусот врз економскиот раст ќе биде колку што е можно поограничено – рече Лер Мер.