Милиони мали и средни претпријатија во Кина се на работ на преживување

Милиони мали и средни претпријатија во Кина се на работ на преживување, а Владата побара од банките да понудат повеќе кредити за економијата, која остана затечена од појавата на вирусот ковид-19, попознат како коронавирус.
Утврдено е дека околу 60 отсто од компаниите можат да вршат регуларни исплати уште само два месеца, по што ќе останат без пари. Само 10 отсто од овие компании можат да издржат шест месеци или подолго.
Малите и средните претпријатија се особено во фокусот, бидејќи сочинуваат 60 отсто од кинеската економија и во нив се вработени околу 80 отсто од работниците, се наведува во податоците од Народната банка на Кина.
Многу фирми и работници се на продолжен одмор од крајот на јануари.
Директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, предупреди на состанокот на Г20 дека втората по ред светска економска сила ќе има силен пад на економскиот пораст во првиот квартал. Се надеваат дека ова ќе се подобри во вториот квартал од годината, пишува Би-би-си.

Русија наскоро станува лидер на пазарот на обоени дијаманти

Еден од најголемите руски производители на дијаманти Алроса наскоро ќе го преземе лидерството на пазарот на обоени дијаманти, кога ќе се затвори австралискиот рудник Аргајл.
Имено, овој австралиски рудник во моментот е најголем производител на овој вид скапоцени камења, а неговото затворање е предвидено за втората половина од годината, бидејќи по повеќе од 30 години експлоатација неговата понатамошна работа е неисплатлива, пренесува „Раша тудеј“.
Се очекува неговото затворање да има влијание врз целата глобална индустрија на дијаманти, но и Русија да стане главен снабдувач на најдрагоцените камења.
– По затворањето на рудникот Аргајл ќе станеме најголем производител на обоени дијаманти на светот и ќе ја преземеме водечката позиција на пазарот на тие скапоцености – изјави Павел Виникин, директор на Алроса, во интервјуто за ТАСС.
Тој појасни дека неговата компанија поседува неколку производители на обоени дијаманти, како што се „Севералмаз“ и „Алмази Анабара“. Токму „Алмази Анабара“ е познат по откритието на 14,83-каратниот виолетов дијамант именуван „Душата на ружата“, кој би можел да стане највредниот руски скапоцен камен.