Француските и италијанските винари го намалуваат производството
Водечките италијански и француски винари сакаат да го намалат производството на врвни вина откако пандемијата на коронавирусот ги испразни хотелите и баровите, а визбите ги остави полни со милиони непродадени шишиња.
Во Италија се очекува домашната побарувачка за вино да падне за речиси третина откако повеќето хотели, ресторани и вински барови беа затворени со месеци поради пандемијата, а туристи речиси и да нема.
Падна и извозот, па производителите стравуваат дека оваа година би можеле да забележат загуби од вкупно милијарда евра, што одговара на девет отсто од нивните вкупни приходи.
Во Франција овој месец започнува бербата на сортите грозје од кои се произведува шампањското, а тамошната групација за производство на шампањско проценува дека оваа година нема да продадат дури 100 милиони шишиња поради што приходите би требало да се намалат за повеќе од 1,7 милијарда евра.
И Рим и Париз издвоија дополнителни пари за производителите, кои го дестилираат вишокот вино во алкохол за потребите за производство на средства за дезинфекција на рацете и за парфеми.
Економијата на Франција продолжува да закрепнува
Економската активност во Франција во јули продолжи да закрепнува, па во тој месец била само седум отсто помала од пред корона-кризата, бидејќи активноста во градежниот сектор се приближи до степенот пред пандемијата, а порасна и искористеноста на индустриските капацитети, објави Банката на Франција.
– Закрепнувањето продолжи во јули со умерено темпо, во согласност со трендот предвиден минатиот месец – наведува централната банка во месечниот извештај.
Во јуни економската активност била за девет отсто под вообичаеното ниво, што претставува значително закрепнување во однос на првите две недели од март кога поради воведувањето на мерките на ограничување во земјата беше забележан драматичен пад од 32 отсто.
„Порше СЕ“ ја заклучи првата половина од годината со загуба
Загубата на „Фолксваген“ влијаеше и врз „Порше СЕ“, кој првата половина од годината ја заклучи со загуба по оданочувањето, покажа извештајот што го објави компанијата.
„Порше“ во првите шест месеци оваа година работел со загуба по оданочувањето од 329 милиони евра. Во истиот период лани бележел добивка по оданочувањето од 2,38 милијарди евра.
Компанијата не ја објави прогнозата за целата година поради економската неизвесност во корона-кризата, но соопшти дека очекува да биде во плус.