Низ Европа се намалува производството на автомобили
Најголемите европски производители на автомобили и автомобилски делови започнаа со забрзано затворање на фабриките во Италија или, пак, со намалување на производството, а размислуваат и работниците во другите земји да ги испратат дома, што е прв знак дека коронавирусот ја нарушува и европската автомобилска индустрија.
„Фијат Крајслер“ информира за привремен прекин на производството во некои италијански фабрики, најавувајќи намалување на производството во услови на најголема епидемија на коронавирус во Европа.
Италијанско-американскиот производител ги засили мерките за заштита во сите фабрики, вклучувајќи и интензивно чистење на сите работни простори, како и оние за одмор, со што ги поддржа директивите на италијанската влада за сузбивање на епидемијата.
Италијанскиот производител на гуми „Пирели“ порача дека го намалува производството на неколку дена во фабриката на северот на земјата, откако кај еден работник беше потврдена заразата со коронавирусот.
И компаниите во другите европски земји на сличен начин се обидуваат да спречат инфекција меѓу вработените.
Француската компанија „Пежо ПСА“ ги засили безбедносните мерки во фабриката во источна Франција, откако кај еден вработен беше потврдено присуството на вирусот.
Од „Сеат“, шпански разгранок на германски „Фолксваген“, порачаа дека ја разгледуваат опцијата работниците да ги испратат на принуден одмор поради проблеми со набавките.
Остар пад на Московската берза
Клучните руски берзански индекси остро паднаа на отворањето на тргувањето на Московската берза, чиј индекс падна за 10,4 отсто. Цените на акциите на најголемите нафтени и гасни компании во Руската Федерација во вторникот паднаа на Московската берза за 12 до 15 отсто.
Не беше поштеден ниту финансискиот сектор, па така најголемата руска банка Сбербанк загуби на вредност околу 13 отсто, додека ВТБ 12 отсто. Се урнаа и акциите на технолошките компании, „Јандекс“ падна за седум отсто, „Ростелеком“ за девет отсто, а „АФК Систем“ за 12 отсто. Акциите на енергетските компании се во пад за 10 отсто.
Хартиите од вредност на руските компании забележаа пад и на лондонската и на њујоршката берза.