Министерот за економија, Крешник Бектеши, информираше дека е започната постапката за законски измени со кои се овозможува основање на фирма со минимален износ на основна главнина од едно евро.
Тој кажа дека меѓу приоритетите на Министерството за економија за поттикнување на иновативноста во земјата е и формирање на „Стартап село“ кое ќе нуди можност за многу млади од земјава и странство да отворат бизнис без потреба од плаќање на режиски трошоци.
– Во наредниот период заедно со Министерството за финансии ќе работиме на значително намалување на ограничувањата за основање на инвестициски фондови преку посебен Закон за бизнис-ангели и измени на Законот за инвестициски фондови. Веќе сме во завршна фаза во процесот на анализа и препораки за натамошно зајакнување на Фондот за иновации и технолошки развој, негова трансформација за да има резултати на долг рок. Со тоа ќе овозможиме влез на странски инвестициски фондови како стратешки партнери на Фондот во поддршка на економскиот раст, базиран на иновации и воведување нови технологии. Во таа насока ќе продолжиме да инвестираме во научно-технолошкиот парк кој започна со операции во март 2019 година со цел тој да биде целосно функционален во 2025 година – кажа Бектеши.
Тој рече дека приоритет во наредните четири години преку мерките и програмите во рамки на Министерството за економија е да се создадат услови за отворање на нови работни места што ќе значи намалување на невработеноста.
– Целта е невработеноста да се намалува по 3 отсто годишно, како што правевме и во изминатите три години. Во изминатите две години преку Планот за економски раст беа поддржани 268 компании кои имаа вкупни инвестиции од 420 милиони евра. Планот за економски раст покажа дека компаниите инвестираат и вработуваат, а во наредните четири години ќе продолжиме во оваа насока преку дополнување и проширување на опфатот на компании и проекти – кажа Бектеши.