Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска учествуваше на 43 средба на Клубот на гувернерите на централните банки од Централна Азија, Црноморскиот Регион и Балканот, која заради околностите коишто ги наметнува пандемијата на ковид-19 се одржа телеконференциски.
На средбата учествувале гувернери и други претставници на централни банки од околу дваесет земји.
На настанот особено биле посочени активностите за обезбедување поповолни услови за отплата на банкарски кредити од страна на кредитокорисниците погодени од кризата и стимулирање натамошно поповолно кредитирање, особено на погодените сектори.
– Сите овие мерки се дел и од веќе преземените мерки на нашата централна банка. Тоа уште еднаш потврдува дека и во текот на актуелната корона-криза, Народната банка, во рамки на своите надлежности остварува максимален придонес за македонската економија – се наведува во соопштението за настанот.
Во текот на дискусијата било укажано и на потребата централните банки да имаат постепен пристап при преземањето на мерките и да остават дополнителен простор, со оглед на присутната неизвесност во однос на времетраењето на кризата.
Гувернерите ја потврдиле заложбата за водење политики кои ги поддржуваат ценовната и финансиската стабилност, а дополнително, во рамки на просторот за делување на централните банки, и поддршка на економското заздравување во времетраење колку што е потребно за да се надмине кризата предизвикана од пандемијата.
Учеството на Ангеловска-Бежоска на средбата на Клубот на гувернерите е уште една потврда на определбата на Народната банка да биде активен учесник во активностите на централнобанкарската заедница и во период на корона-кризата.