„Алкалоид“ со инвестиции во износ од над 524 милиони денари, со 121 ново вработување во земјата и со раст на консолидираниот профит од 14 отсто во периодот јануари-јуни 2021 година

Според единичниот биланс на успех, во периодот јануари-јуни 2021 година, продажбите достигнуваат 4.788.760.106 денари, што е за 1 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 6.272.411.971 денар, што е за 3 проценти повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 7 отсто, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 1 процент. Од вкупните консолидирани продажби, 35 отсто се остварени на домашен пазар, додека 65 проценти на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20 проценти, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 10 отсто, а на другите пазари се остварени 1 процент од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Русија и другите земји од ЗНД (раст од 28 отсто) и во земјите од Југоисточна Европа (раст од 3 отсто).

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88 отсто. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со удел од 20 проценти, антибиотиците со 18 отсто, кардиолошките препарати со 15 проценти, невролошките препарати заземаат 14 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12 проценти во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 3 отсто, козметиката со 7, а билкарството со 2 проценти.

Инвестиции и резултати од работењето

Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-јуни 2021 година, изнесуваат 524.113.924 денари.
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.065.699.771 денар, бележи зголемување од околу 13 отсто, додека единечната нето-добивка изнесува 588.962.195 денари и е зголемена за 12 проценти.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.110.263.703 денари и бележи раст од 13 отсто, додека консолидираната нето-добивка во износ од 583.524.249 денари е зголемена за 14 проценти. При извршувањето на оперативните активности, „Алкалоид“ ангажираше 1.055 домашни доставувачи.
Вработени

Во периодот јануари-јуни 2021 година, во „Алкалоид“ се реализирани 121 ново вработување во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, во март 2021 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од 100 отсто од просечната исплатена нето-плата од работник во претходните три месеци во РС Македонија. Исплатениот надомест од вработен е во износ од 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето. Групацијата „Алкалоид“ има 2.479 вработени, од кои 1.909 се во базата во Скопје, а 570 се вработени во подружниците во странство.

Податоци за акциите

Акциите на „Алкалоид“ котираат на официјалниот пазар на „Македонската берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните. Цената на акцијата во периодот јануари-јуни 2021 година се движеше од 13.300 денари до 16.500 денари или просечно 14.738,30 денари за една акција, што претставува раст од 23,3 отсто во споредба со просечната цена во истиот период од 2020 година. На 30.6.2021 година, акциите на „Алкалоид“ беа во сопственост на 5.054 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 22,2 милијарди денари.

Бизнис-план за 2021 година

Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, на седницата одржана на 29.12.2020 година, предвидува инвестирање на околу 12 проценти од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7 отсто на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7 проценти на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година.
Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на ковид-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрозат здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во претстојниот период, врвен приоритет останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели.