Фото: Маја Јаневска-Илиева

Разговор со оперативен тим на Акцелераторот УКИМ

Инвестирањето во основање и развој на акцелератори е од особено значење, бидејќи преку нив се овозможуваат техничка поддршка и финансии за млади луѓе што ги реализираат своите идеи преку стартап-компании, односно брзорастечки бизниси. Бизнис-акцелераторот УКИМ функционира три години и е основан за да ги идентификува, да ги поддржи и да им овозможи развој на најнапредните технолошки стартапи, претприемачи и спиноф-компании во Македонија. Разговараме со Нина Атанасовска, Перица Врбоски и Александар Стамболиев, оперативен тим на Акцелераторот УКИМ, за поддршката наменета за иноваторите, предизвиците со кои се соочува стартап-заедницата, тековните и идните иницијативи за трансформација на технолошките идеи во глобалниот бизнис, но и за тоа колку нашето образование е насочено кон развивање претприемачки дух кај младите.

Перица Врбовски

Како може Бизнис-акцелераторот УКИМ да им помогне на младите претприемачи, која е неговата улога и каков вид стартап-компании се цел на Акцелераторот?
– Акцелераторот УКИМ е формиран за да ги идентификува и да им ја даде неопходната поддршка во развојот на иноватори од Македонија што нудат решенија за глобалните проблеми. Во таа насока континуирано креираме наменски програми за поддршка и им овозможуваме раст на нашите клиенти. Особено сме заинтересирани за дигитални решенија, за кои Акцелераторот УКИМ го поддржува пристапот до глобалниот пазар токму преку дигиталната компонента на македонските производи. Во ерата на четвртата дигитална револуција, којашто ги вклучува физичката опрема и работната сила, но и нивната интеграција со дигиталниот свет, како и ефектите врз глобалната економија од пандемијата на ковид-19, Акцелераторот УКИМ ги охрабрува тимовите со идеи коишто ги интегрираат овие три ресурси да бидат дел од нашата платформа за развој и да добијат поддршка во делот на градење капацитети и обезбедување паметни инвестиции.
Акцелераторот УКИМ управува со инвестициски фонд од нешто над половина милион евра и, покрај паметните инвестиции, спроведуваме наменски акцелераторски програми во соработка со нашите глобални партнери („Бетахаус“ од Берлин, „Колектор дигитал“ од Словенија, ФИА Регион 1, Т-лабс, како и многу иницијативи наменети токму за Западен Балкан), кои се специјално дизајнирани во согласност со фазата на развој на нашите клиенти, а со тоа се обезбедуваат потребни алатки, знаење и експертиза за да помогнеме во растот на нивните идеи и подготовка на компаниите за инвестицијата.

 

Нина Атанасовска

На кои бизнис-идеи им овозможивте инвестиции, поддршка и побрз пристап на нивните производи на глобалниот пазар?
– Изминативе три години Акцелераторот УКИМ направи процена на стотина тима и стартап-компании за да се утврдат нивниот бизнис-потенцијал, технологијата што ја користат и пазарниот потенцијал. Најчесто идеите што ги проценивме нудат решенија на локалните проблеми, а за дел од нив постојат решенија на глобалниот пазар. Тоа го ограничува потенцијалот за раст на овие бизнис-идеи на глобалниот пазар, но и интересот за инвестиции од страна на високоризични фондови, во кои спаѓа и Акцелераторот УКИМ. Потребно е иноваторите да го насочат своето внимание кон креирање решенија на проблеми што не се само локални. Во 2020 година инвестиравме во компанијата „Елевејт глобал“, чија платформа за автономна обработка анализира и моделира временски серии со употреба на машинско учење и вештачка интелигенција. Во моментов сериозно ги разгледуваме можностите за инвестирање во десетина компании чии производи се конкурентни на глобалниот пазар, а со некои од нив веќе сме во преговори за инвестирање.

 

Александар Стамболиев

Македонија има добро академско образование, но ретко идејата или производот се трансформираат во вистинска корист на пазарот и во економијата, која е причината за сето тоа, што недостига?
– Со слични проблеми се соочуваат и други земји во развој во Европа, а за таа цел е потребно зајакнување на иновациите и претприемаштвото. Во таа насока, Акцелераторот УКИМ оваа година стана партнер на Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ) за нивната предакцелераторска програма Џампстартер (Jumpstarter), наменета токму за иноваторите од Централноисточна и Јужна Европа. Концептот на програмата потекнува од реалните потреби на иновативниот екосистем на овие региони. Земјите се соочуваат со слични предизвици, тие имаат огромен потенцијал за иновации, со светли научни умови, но резултатите од истражувањето најчесто остануваат во лабораториите. Во исто време, постои значителен број на потреби што не биле исполнети за компаниите. За да се надминат овие предизвици, поврзувајќи ги иновативните решенија со артикулираните барања од индустријата и да ја зголемиме конкурентноста на овие региони, шест заедници на ЕИТ се здружија за заедничко водење на оваа програма, која за првпат е отворена и за Македонија. Освен предакцелераторската програма, за понапредните технолошки и постојни бизнис-решенија, постојат акцелераторски програми и финансиски можности за понатамошен нивен развој во следните области на ЕИТ: здравство, храна и земјоделство, суровини, производство, урбана мобилност и енергетика.


Ја промовираме соработката меѓу УКИМ и индустријата

Многу од компаниите згаснуваат од различни причини поради несоодветен производ, задоцнето пласирање на производот, конкуренција, која е вашата цел, како да се овозможи развој на иновативните и дигиталните решенија?
– Мисијата на основачите е Акцелераторот УКИМ да ги спои академските знаења и истражувања со висок бизнис-потенцијал што го поседуваат исклучителните претприемачи. Тоа ќе го подобри и стимулира трансферот на знаење од Академијата до постојни и нови иновативни бизниси и стартапи со фокус на напредните технологии. Акцелераторот УКИМ ја промовира соработката меѓу УКИМ и индустријата, понатаму трансферот на технологии, развојот на бизнисот и промовирање на спиноф-компаниите што ни се од посебен интерес.
Клучната предност на Акцелераторот УКИМ произлегува од кредибилитетот токму на содружниците што имаат исклучителна национална и меѓународна експертиза: развој на фундаментални и применети проекти за истражување, развој на мали и средни претпријатија, стартапи и претприемаштво, финансирање претпријатија и стартапи од рана фаза, техничка експертиза и деловни вештини коишто може да се применат на нашите корисници.