Според растот на домашни и на странски туристи, нашата држава во 2022 година е петта држава во светот според податоците од Светската туристичка организација. Константно се зголемува бројот на странски туристи, а со тоа и бројот на туристи и ноќевања воопшто, изјавуваат од Министерството за економија (МЕ).
Оттаму велат дека туризмот во светски рамки се дели на пред ковид и по ковид затоа што беше една од најпогодените индустриски гранки за време на пандемијата.
– Пред пандемијата, секоја година земјава имаше раст на бројот на туристи, на девизниот прилив и на инвестициите во туризмот. За време на пандемијата, како Влада ја поддржавме оваа гранка за годинава да имаме многу добри резултати. Според податоците на Народната банка, девизниот прилив од туризмот во 2019 година бележи пораст од околу 2,3 отсто, во споредба со 2018 година. Покрај тоа, во 2019 година во туризмот се вложиле 2,8 отсто од вкупните инвестиции во земјата – истакнуваат од Министерството за економија.
Со овие бројки, како што посочуваат, Македонија се наоѓа на седмото место на листата од 184 земји во светот, а бројот на странските туристи во изминатите осум години е двојно зголемен, односно за 98 отсто.
Од министерството препорачуваат Западен Балкан да подготви заедничка стратегија за развој на туризмот, да има поголема соработка во областа на туризмот, хармонизација на законската регулатива на земјите од Западен Балкан и заеднички настап на туристички саеми и конференции, како и заедничка туристичка понуда.
– Туризмот во светски рамки е познат како една од најбрзорастечките индустрии и создава можности за работа во големите и малите заедници. Зголеменото економско значење на туризмот ги привлече и нашето внимание и интересот за развој. Сепак, треба да се има предвид опсегот на влијанијата што произлегуваат од него. Неконтролираниот брз раст на туризмот може да претставува значајна закана за животната средина и социјалната заедница и да резултира со сериозни еколошки и социјално-културни проблеми. Затоа треба да се најде начин да се контролираат и минимизираат негативните влијанија од туризмот и да се постигне одржлив туристички развој – појаснуваат од министерството.
Токму одржливиот туризам, укажуваат тие, денеска станува многу важен за туристичката индустрија и затоа е важно да се охрабрат повеќе луѓе да патуваат зелено и да се осигури дека туризмот е еколошки, социјално и економски одржлив.
– За да се утврди како туристичката индустрија може да се движи кон одржливост, важно е да се испитаат бариерите што го попречуваат одржливиот туризам, а потоа да се развијат стратегии за намалување на бариерите – истакнуваат од МЕ.
Оттаму додаваат дека одржливиот развој се дефинира како заедничка долгорочна стратегија, која има цел да ги развие тековните потреби, имајќи ги предвид влијанијата врз луѓето и животната средина.
– Процесот за развој има цел да ги обезбеди сегашните потреби без да се загрози способноста на следната генерација да ги задоволи нивните очекувања, ресурси и потреби – велат од МЕ и најавуваат подготовка на нова национална стратегија за развој на туризмот, со акцент на новата реалност во туризмот, вклучувајќи поддршка за рурален развој, дигитализација во туризмот и поддршка за алтернативен и екотуризам, како и за женско претприемништво во туризмот.
Државниот завод за статистика вчера објави дека бројот на регистрирани туристи во државава во март годинава изнесувал 39.786, од кои 43,1 проценти домашни, а 56,9 отсто странски туристи. Во периодот јануари – март годинава, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 45,9 проценти.