САД и голем број државите во светот презедоа разни мерки и санкции со кои се очекува да се влошат економските состојби во Русија како одговор на одлуката да започне со воени интервенции во Украина. Активностите вклучуваат финансиски санкции и строги контроли на извозот, кои ќе имаат големо влијание врз руската економија, финансискиот систем и пристапот до најсовремената технологија. Мерките за санкции наметнуваат сериозни трошоци за најголемите финансиски институции во Русија, а со мерките за контрола на извозот се очекува пад на увозот на висока технологија на Русија, што, според најавите на светските политичари, ќе ја атрофира нејзината индустриска база.
Руската банка Сбербанк соопшти дека го напушта европскиот пазар, посочувајќи дека „филијалите се соочуваат со ненормален одлив на средства и безбедносна закана за персоналот и канцелариите“.
Од Народната банка потенцираат дека курсот на денарот останува стабилен, исто како и банкарскиот систем. Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска појасни дека нема банка во доминантна сопственост на акционери од Русија или Украина, поради што не постои изложеност на ризик и можност за влијание врз стабилноста на банкарскиот систем.
– Ние имаме фиксен курс на денарот, врзан за еврото. Оттаму, од исклучителна важност за одржување на курсот се девизните резерви, кои достигнуваат околу 3,4 милијарди евра, односно се на високо ниво и се конзистентни со нашите очекувања. Ова ниво е повисоко во однос на нивото на девизни резерви што го имавме пред пандемијата. За споредба, во 2008 година, кога исто така ја одржавме стабилноста на денарот и покрај глобалната финансиска криза, нивото на девизни резерви беше двапати пониско – вели гувернерката.