Фото: Игор Бансколиев

Инвестициите во инфраструктурата се нешто што е најважно за развој на стопанството. Во таа насока и задолжувањето кај меѓународните кредитори треба да се оправда со целосно реализирање на капиталните проекти, меѓу кои спаѓа и железничкото поврзување со сите соседи

НОВ КРЕДИТ ОД 100 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПРУГАТА КОН БУГАРИЈА

Државата и оваа година ќе се задолжува за проекти кај меѓународните кредитори, според програмата за работа што ја објави Владата за 2022 г., а најголемиот кредит треба да се подигне за железничкото поврзување со Бугарија. За време и по летниот период, 100 милиони евра ќе се бараат за реконструкција на третата фаза Крива Паланка – Деве Баир од железничкото поврзување со Бугарија што Министерството за економија треба да го иницира во јуни кај Европската банка за обнова и развој.
Реализацијата на капиталните инвестиции и инвестирањето со долгорочен ефект треба да има, бидејќи ќе донесат позитивен одраз врз стопанството во земјава, но, сепак, капиталните проекти не се исполнуваат во согласност со плановите во буџетот. Државата постојано се задолжува, но реализацијата на капиталните проекти се одвива слабо.
Според бизнис-заедницата, инвестициите во патната инфраструктура треба да се рационализираат и да се оди на исплатливи и разумни кредити за експресни патишта, а условно кажано, заштедените средства од неизградба на автопати да се вложат во конечно железничко поврзување со сите соседи.
Во услови кога имаме мал раст на економијата, недоволно сопствени обртни средства, државата е принудена овие големи инфраструктурни објекти да ги финансира со задолжување од Светската банка, Европската банка за обнова и развој, а понекогаш и од приватни кредитори. Преголемата задолженост може да доведе до неликвидност и намалување на кредитниот рејтинг на земјата, или до раст на каматните стапки по кои ќе ги добиеме новите заеми. Инвестициите во инфраструктурата се нешто што е најважно за развој на стопанството.
Министерството за транспорт и врски посочува дека заедно со Владата се силно посветени во реализација на железничкото поврзување со Република Бугарија во изградба на источниот дел од железничкиот Коридор 8, кој минува низ нашата земја.

– Имено, изградбата на железничката пруга од Куманово до граничниот премин Деве Баир е поделена на три фази. За првата и втората делница, односно од Куманово до Бељаковце и од Бељаковце до Крива Паланка, во завршна фаза е јавниот повик за избор на фирми изведувачи, кои ќе започнат со градежни активности на овие две делници веднаш штом се изберат и штом потпишеме договор. За изградба и реконструкција на овие две фази инвестираме околу 200 милиони евра, поточно 46,4 милиони евра за првата фаза и 147 милиони евра за втората фаза. Средствата за изградба на овие две делници се комплетно обезбедени и тоа за првата фаза финансиите се обезбедени преку заем од ЕБОР, а за втората фаза 70 милиони евра се преку ЕБОР, а другите 70 милиони евра се грант од ИПА-фондовите – истакнуваат од министерството.
Оттаму велат дека третата и најкомплицирана делница за изградба, на која ќе се изведат 47 моста и 22 тунела, од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, е во должина од 23,6 километри и досега за оваа фаза се обезбедени 60 милиони евра преку ИПА 2 компонентата.
– Владата во овој момент е во завршни преговори за дообезбедување средства преку грант од Европската Унија и заем од европските финансиски институции. Рокот што го договоривме со Република Бугарија за целосна изградба на железничката пруга од Куманово до граничниот премин Деве Баир е 2027 година. За нашата држава ова железничко поврзување е од огромно значење. Ја ставаме државата во позиција на значаен транзит на патници и стока. Ќе отвориме нов коридор што ќе значи економски развој на нашите домашни компании и македонската економија. Целосно сме фокусирани на регионалното поврзување и на унапредување на железничкиот сообраќај во земјата – потенцираат надлежните од министерството.
Претседателот на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, укажува дека постојаниот раст на задолженоста може да биде пречка за позначајни капитални инвестиции и за поттикнување на економскиот раст.

– Сметам дека ако се продолжи со вакво темпо на задолжување, во иднина наместо забрзување на економскиот раст, главна преокупација ќе ни биде одржување на ликвидноста на буџетот и плаќање на обврските за камати по земените кредити – посочува Димитров.
Според него, факт е дека нашата железничка инфраструктура е застарена и дека нашите пруги бараат огромни средства за реконструкција, но, сепак, што се однесува за пругата до Бугарија, вели тој, таа многу долго се гради, се земаат постојано кредити, а никако да се заврши.
– Можеби заложбата на Владата да се заврши има и политички карактер, гледано од страна на билатералните односи со Бугарија и блокадата на започнувањето на преговорите со ЕУ. Јас лично не сум сигурен колку многу оваа нова железничка врска ќе донесе зголемување на трговската размена со Бугарија, но се разбира дека секој нов инфраструктурен објект дава можности за подинамичен економски раст – смета Димитров.
Според Стопанската комора на Северна Македонија, сегашната состојба со пристапот до железничкиот транспорт на целата територија на државата не е добро утврден, поради тоа што железничката мрежа има конекции со други железнички пруги само преку коридорот 10.
– Всушност, железничките пруги во насоката исток – запад имаат последна станица што не е поврзана со железничка мрежа. Исто така, нема железнички врски со соседните железнички инфраструктури на Коридорот осум. Оттука, сметаме дека е потребно државата да ги препознае придобивките од железничкиот транспорт и железничкото поврзување да го постави како еден од приоритетите заради следење на чекорот со земјите од регионот и модерните транспортни текови – истакнуваат од СКСМ.