Фото: Архива

Стопанската комора смета дека донесувањето на закон за дополнителен данок на добивка на крајот на 2022 година, претставува, како што велат, репутациски ризик за државата и создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори, особено ако се има предвид дека соседните држави немаат воведено сличен данок.

-Во врска со искажаната намера за воведување на дополнителен данок на добивка за 2022 година и работниот текст на Предлогот назЗакон за дополнителен данок на добивка, Стопанската комора на одржаните работни средби на оваа тема во Министерството за финансии ги изнесе своите забелешки, а истите до Министерството се испратени и во писмена форма- се наведува во соопштението.

Имено, посочуваат од Комората, вонредниот данок на добивка кој во претходниот период беше воведен во други држави (таканаречен windfall tax) од владите во тие држави се наметнува со цел да се редистрибуираат дополнително остварените добивки на компаниите во конкретни дејности, односно да се обезбедат 2 дополнителни приходи од добивката на компаниите кои како резултат на нарушени односи на пазарот оствариле „екстра профит“, па со така прибраните средства да се финансираат заеднички добра, се наведува во соопштението од СКСМ.

– Суштински важно е дека согласно предложениот концепт кај нас со вонредниот данок на дополнителна добивка за 2022 година ќе се оданочуваат сите компании, независно од дејноста која ја вршат и дали дополнителната добивка која ја оствариле компаниите се должи на пазарните услови (остварена екстра добивка поради движења на пазарите на енергенси или други причини кои довеле до конјуктурни поместувања на пазарот) или се должи на раст на добивката на компаниите како резултат на нивното работење, односно како резултат на зголемени инвестиции, подобрена продуктивност, освојување на нови пазари и сл. Така, со предложениот концепт на оданочување кој претпоставува споредба на остварениот просек на добивките во претходните четири години и добивката во 2022 година во неповолна положба се доведуваат компании кои инвестирале во претходните години, а остварувале помала добивка, во споредба со потенцијално зголемената добивка во 2022 година, која би ја оствариле како резултат на инвестиции, зголемена ефикасност во работењето и зголемена продуктивност на вработените – појаснуваат од Комората.

Во однос на проекциите за приходите од овој данок, од Комората сметаат дека ефектот што се очекува од неговата примена во смисла на обезбедување на дополнителни средства во државниот буџет, може да изостане во делот на добивката на компаниите кои се корисници на државна помош, од причина што ќе се намали нивниот индивидуален износ на доделена државна помош, а нема да се зголемат приходите во буџетот.