Фото: Игор Бансколиев

„Нова Македонија“ направи збирна компилација на препораките за штедење енергија што доаѓаат од институциите и од енергетичарите и се однесуваат на различни категории потрошувачи. Во продолжение ги пренесуваме препораките за штедење за граѓаните, бизнис-заедницата, јавните институции, општините и за администрацијата

ВО ПРЕСРЕТ НА ЗИМАТА И СРЕДЕ ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА

Со почетокот на учебната година и пред почетокот на грејната сезона се актуализира и прашањето за високите трошоци за снабдување со топлинска и електрична енергија за основните и за средните училишта во Македонија.
Поради ограничените финансиски можности, општините од Полошкиот Регион веќе побараа да се продолжи зимскиот распуст за учениците на два месеца или да се премине на онлајн настава, со што трошоците за затоплување би се намалиле. Соочени со предизвикот од недостиг од енергија, но и високите цени, граѓаните, фирмите и институциите бараат начини за најисплатливо и најрационално искористување на енергијата, со акцент и на моделите за штедење.
Од канцеларијата на штипскиот градоначалник и од другите општини од источниот регион пристигна барање училиштата да плаќаат за потрошена електрична енергија како и домаќинствата и градинките.

Доколку ова не се исполни, се доведува во прашање исплатата на плати на вработените во овие институции, бидејќи средствата би требало да бидат пренаменети за покривање на трошоците за електрична енергија и за трошоците за затоплување на училиштата, предупреди Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Енормниот пораст на цената на електричната енергија на регионалните пазари и недостигот од сопствено производство ја принуди македонската влада да донесе препораки за граѓаните, фирмите, општините и јавните и државните претпријатија за штедење и рационално користење на овој енергетски ресурс. Имено, Министерството за економија, минатиот месец, донесе програма за „Заштеда на струја за безбедна зима“, во која се содржани препораките, мерките и задолженијата за одговорните лица, кои би се применувале во периодот од 1 септември 2022 година до 31 март 2023 година. Со оваа подолга листа на препораки сите раководни лица на јавните институции на централно ниво се задолжени да преземат соодветни мерки за да се намали потрошувачката на електрична и топлинска енергија за 15 отсто, споредено со истиот период од 2021/2022 година.
Градоначалниците на општините, но и стручњаците во енергетскиот сектор сметаат дека со примена на мерките и препораките за штедење електрична енергија може да има минимални заштеди на струја, но тоа нема да го реши и целосно проблемот со високите сметки за електрична енергија.

– Препораките за штедење на електричната енергија се добредојдени, но не се доволни за надминување на енергетската криза и за редовно снабдување на стопанските субјекти и за граѓаните. Инвестициите во енергетскиот сектор се од долгорочен карактер и потребен е поголем период за нивна реализација. Досега требаше да ги реализираме крупните проекти од енергетскиот сектор, за да ја намалевме зависноста од увозот на енергија од надвор. И за примена на препораките за штедење се потребни дополнителни средства за граѓаните и фирмите, кои треба да ја подобрат енергетската ефикасност на објектите. Другите мерки и препораки за штедење се со минимален ефект – ни изјави професорот Константин Димитров.
За предлогот од општините за заштеда на струја со продолжување на зимскиот распуст на учениците или со следење онлајн настава, од Владата вчера одговорија дека е во интерес на учениците физички да присуствуваат на настава.
– Нема промена во начинот на реализација на наставата со физичко присуство во основните и во средните училишта. Трошоците за загревање на училиштата се во надлежност на општините, односно локалната самоуправа, и за тоа од Министерството за образование се исплаќаат дотации до општините. Важно е да се каже дека тие се одговорни и во интерес на учениците е физичко присуство на наставата – изјави владиниот портпарол Душко Арсовски.
Министерот за економија Крешник Бектеши, при објавувањето на препораките за штедење, нагласи дека на домаќинствата и на компаниите им се нудат опции како да заштедат струја, додека за институциите се предвидени конкретни задолженија.

– Целта што треба да се постигне е намалување на потрошувачката на енергија за 15 отсто споредено со истиот месец од претходната година. Доколку не се постигне оваа цел, ќе следуваат санкции за органот што ја раководи институцијата, предвидени со посебна одлука на Владата – предупреди Бектеши.
„Нова Македонија“ направи компилација и синтеза на препораките за штедење енергија што доаѓаат од институциите и од енергетичарите и се однесуваат на различни категории потрошувачи. Во продолжение ги пренесуваме препораките за граѓаните, бизнис-заедницата, јавните институции, општините и за администрацијата. М.Ј.


Препораки за јавните институции и за општините

– Да се исклучи декоративното осветлување на фасадите на сите јавни објекти и културни споменици.
– Да не се користи осветлување во внатрешните простории и канцелариите во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина.
– Во јавните објекти, во сезоната на ладење температурата на климатизерите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезоната на греење не повисоко од 20 степени.
– Jавните институции, во рамките на буџетите, да инсталираат колекторски системи за загревање на вода, доколку тоа е разумно и исплатливо.
– Јавните институции целосно да го исклучат осветлувањето во излозите во периодот по работно време.
Општините и Град Скопје да направат распоред, така што на половина од улиците и булеварите ќе го исклучуваат јавното осветлување, наизменично, преку еден ден.
ЈП „Патишта“ да отпочне со намалување на осветлувањето поставено на државните патишта до минимален сигурносен обем на осветлување улици, плоштади и други објекти во земјава што ги опфаќа државните патишта.
– Да се заменат старите светилки со вжарено влакно со компактни флуоресцентни светилки.
– Да се заменат старите прозорци во работните простории со нови ПВЦ-прозорци за да се намали провевот.
– Да се инсталираат интелигентни системи за управување со потрошувачката на енергија.


Препораки за граѓаните

– Бојлерот да се вклучи само кога е потребна топла вода, по можност на евтина струја. Термостатот на бојлерот да не биде поставен на максимум.
– Избегнувајте позиционирање на ладилникот на (нај)ниски температури.
– Во текот на денот користете го што е можно повеќе сонцето за осветлување. Во текот на ноќта во грејна сезона спуштајте ги ролетните и завесите.
– Не блокирајте ги и не покривајте ги грејните тела со мебел или завеси.
– Користете ги машините за миење садови и за перење алишта кога се полни и на ниска тарифа.
– Исклучувајте ги светилките во просториите кога подолго време не престојувате во нив.
– Исклучувајте го компјутерот по завршувањето на работата.
– Исклучувајте ги полначите за батерии од приклучниците (лаптоп, мобилни телефони).
– Гответе во помали садови или во садови соодветни на големината на ринглата.
– Заменете ги старите светилки (со вжарено влакно) со компактни флуоресцентни светилки или други соодветни со ознака за повисока класа на енергетска ефикасност.
– Редовно менувајте ги филтрите на уредите за греење и на клима-уредите во вашиот дом.
– Користете енергетски ефикасни (ЦФЛ, ЛЕД) светилки.
– Поставете туш со малo протекување на водата во вашите бањи.
– Изолирајте ги таванот, прозорците и надворешните ѕидови во вашиот дом.
– Купувајте производи со највисока класа на енергетска ефикасност (A+++, A++, А+, А).
– Исклучете го декоративното осветлување на фасадите на приватните објекти.
– Во сезоната на ладење нагодете ја температурата на климатизерите не пониско од 27 степени, а во сезоната на греење не повисоко од 20 степени.


Препораки за бизнис-заедницата

– Да се исклучи декоративното осветлување на фасадите.
– Да не се користи осветлување во внатрешните простории кога има доволно дневна светлина.
– Греење и ладење: во производните објекти, хали и канцеларии во сезоната на ладење температурата на климатизерите да се нагодува не пониско од 27 степени, а во сезоната на греење не повисоко од 20 степени.
– Да се исклучуваат сите компјутери по завршувањето на работата со него.
– Да се заменат старите светилки со вжарено влакно со компактни флуоресцентни светилки.
– Редовно да се менуваат филтрите на грејните тела, односно клима-уредите во работните простории.
– Доколку компанијата има потреба од санитарна топла вода, да се инсталираат сончеви колектори за подготовка на санитарна топла вода.
– Да се заменат старите прозорци во работните простории со нови ПВЦ-прозорци за да се намали провевот.
– Да се применуваат нови технологии во подобрување на енергетските перформанси на индустриските постројки.


Препораки за вработените во администрацијата

– Користење скали наместо лифт.
– Кратко и интензивно проветрување на просториите.
– Исклучување на светилките кога се напушта просторијата или кога може да се користи дневна светлина.
– Печатење само на оние документи што се потребни и онолку копии колку што е неопходно.
– Да се исклучуваат сите компјутери по завршувањето на работата.