Повод: Како инвеститорите гледаат на новите инструменти на домашниот финансиски пазар?
- Граѓанските обврзници се понов инструмент што се нуди на домашниот финансиски пазар, а според познавачите, новите типови на обврзници, заедно со отвореноста и редовното информирање на граѓаните, придонесуваат да заживува финансискиот пазар во Македонија. Инволвираните во финансиските пазари потенцираат дека ваквите иницијативи што ги презема Министерството за финансии се добри и корисни за пазарот на капитал
На домашниот финансиски пазар Министерството за финансии (МФ) неодамна пласира нова трета емисија на граѓанска обврзница, која имаше рок на достасување од две години и каматна стапка од 4,5 проценти. Граѓанските обврзници се понов инструмент што се нуди на домашниот финансиски пазар, а според познавачите, новите типови на обврзници, заедно со отвореноста и редовното информирање на граѓаните, придонесуваат да заживува финансискиот пазар во Македонија.
Раздвижување на пазарот на капитал
Соговорниците што се инволвирани во финансиските пазари потенцираат дека ваквите иницијативи што ги презема Министерството за финансии се добри и корисни за пазарот на капитал.
– Овие иницијативи на Министерство за финансии ќе имаат голем придонес во развојот на финансискиот пазар и анимирање поголем број инвеститори. Во некоја следна фаза би можело Министерството да ги поттикне и општините да се финансираат на ваков начин. Може да се охрабрат локалните единици да се вклучат во пласирање обврзници на пазарот, со што ќе соберат финансии и ќе се реализираат проекти што се во интерес на граѓаните, а профитабилни за општините – објаснува за „Нова Македонија“ Коста Костадиновски, овластен инвестициски советник во „Капитал асет менаџмент“.
Костадиновски долги години е присутен на домашниот финансиски пазар и е добар познавач на состојбите во нашата земја и пошироко. Тој за „Нова Македонија“ потенцира дека и главниот град може да издава обврзници, со тоа што со финансиите би се поддржале проекти што се исплатливи и кои ќе донесат пари за враќање на средствата од обврзницата на граѓаните и ќе направат ефект за градот. Како таков проект, според него ,може да биде објект за третирање отпад, кој освен финансиска оправданост, ќе има и голем придонес за почиста животна средина, што ќе биде мотивација плус за граѓаните да вложуваат во такви проекти или во обврзници што би поддржале слични проекти.
– Со еден проект за третман на отпадот, со издавање на пример обврзница од градот, граѓаните ќе имаат две причини за инвестирање. Една е финансиската мотивација, ќе добијат пари назад со камата, но и ќе помогнат во подобрување на квалитетот на живеењето во почиста и поздрава животна средина. Но, многу значајно е исто така МФ да размислува како поактивно да се вклучат и инвестициските друштва односно инвестициските советници во приближување на обврзниците до граѓаните. Инвестициските советници се тие што имаат директни контакти со инвеститорите што се активни на берзата во Македонија и во странство и кои би можеле да инвестираат во обврзници што се издадени од државата или кои можат лесно и брзо да направат контакт меѓу двете заинтересирани страни – објаснува Костадиновски.
Македонските граѓани се забележливо напредни кога станува збор за финансиските пазари, а Македонија има најразвиен финансиски пазар во Западен Балкан
Нашиот соговорник потенцира дека дури и Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје може да биде профитабилна институција, па дури и да дели дивиденди со паметни проекти што ќе придонесат да се подобри оперативното и финансиското работење на претпријатието. Сепак, тој додава дека за интерес за купување обврзници или акции од вакви претпријатија, мора самите претпријатија односно нивните сопственици да ги подготват за таков чекор.
– Ако сакаме да се поместиме од оваа точка на која сме сега и да дојдеме до позицијата што ја посакуваме, мора да се променат одредени сегашни гледишта и позиции. Цел свет прави профит од отпад или од јавен превоз, и ние лесно можеме да го направиме истото тоа – укажува Костадиновски.
Според него, во нашата земја има големи позитивни промени, споредено со претходните години, кога станува збор за финансискиот пазар и за раст на овој сектор. Дополнително, тој посочува дека од земјите што се дел од Западен Балкан, Македонија има најразвиен финансиски пазар.
– Убедливо сме најнапредни кога станува збор за финансиските пазари, бидејќи веќе имаме развиени добри пензиски фондови, инвестициски фондови, а кај граѓаните се чувствува поголема проактивност и поголема отвореност кон вложувања во акции и обврзници. На берзата се забележува зголемен промет и сѐ повеќе луѓе се одлучуваат да инвестираат и на странските пазари. Во овие околности се создава можност и простор државата да се доближи повеќе до инвеститорите и со новите типови на финансиски инструменти да привлече пари за реализација на своите цели – прецизира Костадиновски. Е.Р.
































