Во истражувањето за тоа колкава е сивата економија во Македонија и како економските политики се одразуваат врз неа, се наведува дека изминативе години има значително намалување на процентуалниот удел на сивата економија во бруто-домашниот производ, но сѐ уште голем дел од производството и услугите е дел од
неформалното работење
ИСТРАЖУВАЊЕ НА „ФАЈНЕНС ТИНК“
Досегашните процени на сивата економија во Македонија се движат во рангот од 21,3 отсто до 39,5 отсто од бруто-домашниот производ. Големата сива економија ја нарушува употребливата вредност на официјалните статистики при водењето на политиките. Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ го публикува истражувањето „Колкава е нашата сива економија? Како клучни економски политики се одразуваат врз неа?“. Целта на истражувањето е да ја процени нејзината големина, тенденции во последните години и да ја стави во контекст на владините политики што може да влијаат врз неа.
– Сивата економија е комплексен феномен и вклучува активности што тешко се мерат. Често се поставуваат следните прашања: што вклучува, како се мери, кои се причините и кои се последиците од сивата економија. Министерството за труд и социјална политика изработи Стратегија за формализирање на неформалната економија, нагласувајќи ја волјата на Владата да ја намали сивата економија. Сепак, не постои цврста квантитативна оцена на сивата економија. Ова истражување ја мери големината на сивата економија и ги анализира ефектите од мерките на даночната политика и минималната плата – велат од „Фајненс тинк“.
Според наодите на институтот, сивата економија изнесувала 23,2 отсто од БДП во 2020 година, што е намалување во однос на 31,6 отсто во 2006 година. Во 2020 година, како што објави Државниот завод за статистика, БДП бил 10,8 милијарди евра, што значи дека во неформалниот сектор биле создадени 250 милиони евра. Презентирајќи ги резултатите од истражувањето, надлежните од „Фајненс тинк“ истакнаа дека во изминативе години има значително намалување на процентуалниот удел на сивата економија во бруто-домашниот производ, но сѐ уште голем дел од производството и услугите се дел од неформалното работење.
– Најголемите намалувања на неформалната економија се случуваат по воведувањето на рамниот данок (2007 година), за време на финансиската криза (2009 година) и по воведувањето на минималната плата (2012 година). Сепак, особено е забележливо дека од 2013 година, уделот на сивата економија во БДП стагнира, а во пандемиската 2020 дури и благо се влошува, поради тоа што формалниот БДП доживеа поголем пад во однос на неформалниот БДП – потенцираат од „Фајненс тинк“.
Оттаму додаваат дека анализата вклучува две групи фактори со потенцијално значење за сивата економија: даночните политики и политиката на минимална плата.
– Повисоките и скалести даноци ја зголемуваат сивата економија, слично како и поголемиот даночен товар (персонален данок и социјални придонеси) на платите. Од друга страна, поголемиот капацитет за собирање даноци од страна на даночните власти влијае врз намалување на сивата економија, но ефектот е статистички незначаен. Сепак, земени заедно, ефектот од повисоки даноци и ефектот од капацитетите на даночната управа укажуваат дека во услови на исцрпен простор за намалување на даночниот товар (со исклучок на парафискалните давачки), каква било потенцијална реформа на директните даноци, првенствено на даноците на трудот, ќе се одрази негативно врз сивата економија доколку не е придружена со зајакнати капацитети на даночните власти за собирање на даноците и јакнење на даночниот морал на населението – споменуваат од институтот.
Според нив, воведувањето на минималната плата во 2012 година придонело за намалување на сивата економија, што, како што велат, може да се толкува како формализирање плати што претходно се исплаќале во готовина.
Но анализата покажува дека зголемувањето на уделот на минималната во просечната плата стимулира сива економија.
– Последново веројатно го опфаќа ефектот на деформализација на дел од плаќањата кон работниците со минимална плата кога работодавецот проценува дека таа станува голем товар за компанијата. Спротивен ефект, ефект на намалување на сивата економија, има буџетската поддршка (субвенција) на минималната плата, за која е неопходно да се земат предвид и буџетските импликации и префрлање на товарот врз даночните обврзници. Овој наод укажува дека минималната плата е неопходно да расте во согласност со продуктивноста на трудот, со паралелно јакнење на капацитетите за спроведување на регулативата во сферата на работните односи – укажуваат од „Фајненс тинк“.
Генерално, наодите даваат на знаење дека е неопходно дизајнирање политики за зголемување на продуктивноста на долг рок, и тоа преку создавање и стимулирање домашен конкурентен пазар преку релаксирање на регулативата и либерализација на трговијата, преку зголемување на квалификуваноста на работната сила преку реформирање на образовниот систем, преку насочување средства кон истражување и развој и преку зголемување на ефикасноста на јавната администрација за да се намали товарот врз приватниот сектор.
На крајот, анализата ја проценува тежината на одделните фактори, при што три четвртини од варијацијата на сивата економија во 2020-та се должат на факторите поврзани со даночната политика, додека факторите поврзани со минималната плата и растот на формалната економија придонесуваат од третина во 2007 до четвртина во 2020 година. К.М.