Голем број медиуми и влијателни светски аналитичари изминатиот период пишуваат дека Русија и Кина договараат креирање посебен валутен финансиски систем, за двете земји да не зависат во трговијата од американскиот долар. Според експертите, сето ова ќе предизвика огромни турбуленции на финансиските пазари и меѓународната трговија и никој не може да предвиди во кој правец ќе завршат промените

КАКО РЕФЛЕКСИЈА НА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА, НО И ВОЈНАТА НА ВАЛУТИТЕ

Се наѕира ли формирање нов меѓународен монетарен и финансиски систем и дали случувањата во Украина, како и санкциите воведени против Русија, ќе го забрзаат неговото формирање? Според пишувањата на светските медиуми, но и на медиумите во соседството, Русија и Кина изминативе години договарале креирање посебен валутен финансиски систем, но за него сѐ уште нема многу детали, а идејата е двете земји да не зависат во трговијата од американскиот долар.
Како што пишува „Спутник“, во темата насловена „Кој навистина треба да се грижи: Новиот проект Пекинг-Москва ги уништува плановите на Западот“, сѐ поизвесно е формирањето независен меѓународен монетарен и финансиски систем. Во анализата се истакнува дека само еден ден откако ѝ се закани на Кина дека ќе има последици доколку се обиде да ѝ помогне на Русија да ги надомести загубите од западните санкции, Вашингтон доби одговор од здружените сили на Пекинг и Москва. Во анализата се укажува оти Русија и Кина најавија неизбежно создавање независен меѓународен монетарен и финансиски систем на Кина и членките на Евроазиската економска унија.

Во однос на најавите за формирање валутен финансиски систем засега не се откриваат многу други детали. Најавите се дека новиот систем ќе се базира на нова меѓународна валута, која ќе се потпира на индексот на националните валути на земјите-членки и цената на стоките на берзите. Предлог-проектот првпат ќе биде разгледан до крајот на март.
Универзитетскиот професор Здравко Савески за „Нова Македонија“ објаснува дека намерите на Русија и на Кина со потегот за формирање посебен финансиски систем се да се извлечат од доминацијата на американскиот долар како главна валута при плаќање на светско ниво за трговската размена.
– Доминацијата на американскиот долар им е во прилог на Соединетите Американски Држави, но не и на другите економии. Русија и Кина долг период работат на зголемување на сопствената размена, која ќе биде во нивните валути, а не во долари. Со исклучувањето на Русија од СВИФТ, овој процес може дополнително да ги забрза овие планови, бидејќи исклучувањето ќе ѝ нанесе штета на руската економија. Но, исто така, ваквите чекори можат да придонесат за забрзан пад на вредноста на американскиот долар како меѓународна резервна валута, а тоа, пак, би било од огромна штета за американската економија. Во овој момент не може да се знае што точно ќе се случува, бидејќи пазарот е непредвидлив, но факт е дека двете земји работат на ова поле, и тоа неколку години – објаснува Савески.

Професорот исто така укажа дека, тргнувајќи од случувањата во Украина, не се исклучува можноста Русија да цели кон наметнување промени на начините на плаќање за стоките што ги продава и извезува, вклучувајќи ги и гасот и нафтата, и тие да им се исплаќаат во рубли, што, според него, може да биде сериозен удар за валутниот паритет во светот.
– Сето ова ќе предизвика огромни турбуленции на финансиските пазари и никој не може да тврди во кој правец ќе завршат промените на крајот. Ако се формира посебен систем, нема да биде како сега, нема да има една валута што се користи за меѓународни плаќања. Може основачите на тој систем да бараат оние што тргуваат со Русија и со Кина да плаќаат во рубли или јуани. Сѐ уште не се знаат деталите, но ваква промена, во која било насока да се одвива, ќе има одраз врз меѓународната трговија, која поради новините неминовно ќе забави. Сега најголем дел од плаќањата во меѓународната трговија се прави во американски долари, што ги става во многу поволна позиција САД, кои може да печатат колку сакаат банкноти – посочува Савески.

Професорот по банкарство на Економскиот факултет во Белград, д-р Ѓорѓе Ѓукиќ, за „Спутник“ објаснува дека новиот финансиски систем би требало да ги олесни непречените платежни трансакции, пред сѐ меѓу Русија, земјите-членки на Евроазиската економска унија и Кина, но посочува и дека тоа неминовно ќе доведе до слабеење на доларот во меѓународните трансакции.
– Најавениот систем ќе ја олесни можноста за плаќање на голем број трансакции, особено кога станува збор за трговија со суровини и плаќања по таа основа. Она што е важно е дека ќе го олесни остварувањето на приливот кон компаниите и доставувачите – вели тој за „Спутник“ и додава дека креаторите, врз основа на суптилна анализа, ќе треба да земат предвид до кој степен треба да учествуваат валутите што ќе се земат предвид и стоковните индекси и со која тежина во целиот механизам.

Во согласност со пишувањата на „Спутник“, уште од 2014 година, по одлуката на Крим да ѝ се приклучи на Русија, Москва започнала со подготовки за алтернативен платен систем целосно автономен и независен од кој било платен систем, кој, според познавачите, веќе бил подготвен за меѓусебни плаќања во земјата. Во анализата се посочува дека и Кина работела на сличен систем, за да ги спречи уцените од Вашингтон, со чии протекционистички мерки се бори неколку години. Истовремено, и кинескиот и рускиот систем предвидуваа можност за тргување во сите валути, а не само во најсилните пет што ја сочинуваат кошничката валути на меѓународните институции.

Професорот Ѓукиќ смета дека новиот систем, покрај Кина и членките на Евроазиската економска унија – Русија, Ерменија, Белорусија, Казахстан и Киргистан, би можеле да го користат и земји што не воведоа санкции кон Русија, а кои, според него, ги има во огромен број. Тој укажува и на друга димензија што произлегува од процесот на протерување на руските банки од системот СВИФТ.
– Мислам дека тоа е еден вид механизам што ќе доведе до дополнително слабеење на доларот во меѓународните трансакции. Тоа сигурно нема брзо да го сведе на минимум, но ќе биде почетната капсула – вели Ѓукиќ.
Ѓукиќ смета дека наметнувањето економски санкции кон Русија само покажува дека било неизбежно Русија и Кина да одат по својот пат и да формираат паралелен финансиски систем.

– И додека не се воспостави новиот систем, компаниите заинтересирани да работат со Русија под санкции можат да го најдат својот пат низ земјите што не им се придружиле. Но тоа ја поскапува секоја испорака, ја турка инфлацијата на трошоците и растот на цените на мало, а цената потоа ја плаќаат сите. Сепак, тоа ќе се случи, бидејќи компаниите мака мачат да имаат што помалку резерви на стоки, па ќе одат и низ трети земји. Заедно тие се посилни и ако, благодарение на новиот систем, Русија, Кина и другите членки на Евроазиската економска унија се најдат во трговски односи со други земји, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави, тие ќе направат договори за плаќање со поголема преговарачка моќ отколку што беше случајот досега – укажува Ѓукиќ.
Неодамна „Волстрит журнал“ напиша дека Кина има свој платен систем, кој вклучува уште повеќе меѓународни банки од рускиот. Најавата за новиот независен меѓународен монетарен и финансиски систем, според нив, е потврда на стравувањата на западните критичари оти исфрлањето на Русија од СВИФТ дополнително ќе ги зближи Русија и Кина, но и ќе ја намали важноста на доларот во глобалниот финансиски систем, која веќе бележи пад. Кина е втора по големина економија во светот и веќе неколку години, кога силата на економијата се пресметува според паритет на куповната моќ, додека Русија, и покрај санкциите на кои е изложена со години, е 11-та во светот и шеста во паритетот на куповната моќ.