Компаративно истражување на „Дојче веле“
Албанските граѓани плаќаат највисоки сметки за струја во регионот, а по нив се македонските домаќинства. Најниски месечни сметка за струја има во Косово. Ова накратко го покажува анализата за висината за месечните трошоци за електрична енергија за едно домаќинство во земјите од Западен Балкан.
Споредбата за трошоците за електрична енергија е направена за семејство што троши 200 киловат-часа евтина и 200 киловат-часа скапа струја!
- Во Црна Гора за истата месечна потрошувачка за струја ќе се плати сметка меѓу 37 и 44 евра, во зависност од тарифниот модел, но зависи и од тоа дали граѓаните се редовни плаќачи. Во основниот модел, сметката во Црна Гора би била 40,84 евра. Редовните плаќачи добиваат 13 отсто попуст, па сметката ќе им биде 38,36 евра, покажува калкулаторот на Електростопанство на Црна Гора. ДДВ за струјата е 21 отсто. Тоа значи дека сметката за струја изнесува 4,9 проценти од просечната плата во Црна Гора.
- Домаќинство во Србија треба да плати 4.538 српски динари, односно 38,7 евра. Во Србија има блок тарифи со различна цена. На потрошената струја во Србија се плаќа акциза од 7,5 отсто и ДДВ од 20 отсто, како и радиодифузна такса, но сметките повторно се пониски отколку во Македонија. Просечната сметка за струја за домаќинствата е 83.812 динари, или 5,4 отсто од просечната плата.
- За потрошени 200 киловат-часа скапа и 200 киловат-часа евтина струја во Република Српска, едно семејство треба да плати 61,95 конвертибилни марки, односно 31,7 евра. За истата струја, во Федерацијата БиХ ќе треба да се платат 65,22 конвертибилни марки или 33,3 евра, покажува калкулаторот на Електростопанство на БиХ. ДДВ за струјата во Босна и Херцеговина е 17 отсто. За струја во Федерацијата БиХ треба да се издвои 5,3 отсто од просечната плата, а во Република Српска 4,8 отсто.
- Домаќинство во Косово треба да плати 22,7 евра, покажува калкулаторот на Регулаторната комисија за енергетика на Косово. ДДВ за струјата во Косово е 8 проценти. Едно домаќинство за струја плаќа 5,1 отсто од платата.
- Семејство што троши 400 киловат-часа струја во Албанија треба да плати 6.820 леки, односно 63,8 евра. ДДВ е 20 отсто, а се плаќаат уште 100 леки надомест за користење апарати. Албанско домаќинство во еден месец за струја ќе треба да плати речиси 13 отсто од платата.
- Поради зголемување на стапката на ДДВ на 18 отсто, македонските граѓани во просек ќе плаќаат повисоки сметки од 1 јули. Семејство во Македонија ќе треба да плати 2.745 денари, или 44,5 евра. Секое семејство ќе треба за струја да плати 7,6 отсто од просечната плата, објави „Дојче веле“.