Фото: Маја Јаневска-Илиева

Врз основа на податоците од Анкетата за приходите и условите за живеење, која се спроведува во согласност со препораките на Европската Унија, Државниот завод за статистика (ДЗС) ги пресмета лаекенските индикатори за сиромаштија за 2023 година. Основа за пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 проценти од медијалниот еквивалентен приход.

Според оваа анкета, како што соопшти ДЗС, во 2023 година, стапката на сиромашни лица во земјава изнесуваше 22,2 проценти.

Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2023 година е 17,8 проценти. Според најфреквентниот статус на економската активност, стапката на сиромашни вработени лица е 8,4 проценти, додека стапката на сиромашни пензионери е 11,3 проценти. Коефициентот на Џини (мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите) изнесува 30,3 проценти.