Растот на задолжувањето на граѓаните во банките како повод
- Економските експерти укажуваат дека иако задолжувањето расте, и понатаму има простор за раст на кредитирањето на граѓаните. Сепак, останува отворено прашањето дали има лимити што може да се достигнат или, пак, лимити што не треба да се надминуваат за да не се доведат граѓаните во состојба да не можат да ги вратат долговите
- Интензивното задолжување на граѓаните може да создаде голем проблем, особено ако почне да опаѓа исплатата на кредитите. Но, во согласност со податоците на НБРМ, тоа не е случај, напротив, процентот на нефункционални кредити последниве години постојано е во пад
Задолжувањето на македонските граѓани од месец на месец континуирано расте. Последните податоци што ги објави Народната банка покажуваат дека граѓаните и компаниите заедно им должат на банките над 7,6 милијарди евра. Од нив, компаниите должат 3,6 милијарди евра, додека домаќинствата уште повеќе или над 3,9 милијарди евра.
Годишно задолженоста на граѓаните е зголемена за 7,2 проценти, а најбарани се потрошувачките и станбените кредити. Кај потрошувачките кредити има раст од 6,4 проценти на годишно ниво, додека станбените пораснале за 10,8 отсто. Голем раст бележат и автомобилските кредити, од високи 27,4 отсто, но кај нив почетната основа е ниска. Раст имаат и кредитите одобрени на кредитни картички за 8,9 отсто на годишна основа.
Интензивното задолжување на граѓаните може да создаде голем проблем, особено ако почне да опаѓа исплатата на кредитите. Но, во согласност со податоците на НБРМ, тоа не е случај, напротив, процентот на нефункционални кредити последниве години постојано e во пад.
Има механизми за спречување на задолжувањето
Економските експерти укажуваат дека иако задолжувањето расте, и понатаму има простор за раст на кредитирањето на граѓаните. Сепак, останува отворено прашањето дали има лимити што може да се достигнат или, пак, лимити што не треба да се надминуваат за да не се доведат граѓаните во состојба да не можат да ги вратат долговите.
– Одобрувањето кредити на претпријатијата и на граѓаните се врши според утврдени правила и лимити што ги утврдуваат комерцијалните банки и НБРМ. Банките се должни да се придржуваат кон тие лимити затоа што тоа е во интерес на нивната ликвидност, солвентност и профитабилност, но и избегнување на строгите казни, кои би можеле да ги добијат од НБРМ ако не постапуваат така. Впрочем, постојаното намалување на т.н. ненаплатливи кредити кај банките убедливо го потврдува тоа – објаснува професорот Томе Неновски.
Професорот посочува дека дури и нашата централна банка има механизми со кои може да го спречи понатамошното задолжување на граѓаните, во случај ако процени дека задолжувањето е преголемо.
– НБРМ има ефикасни механизми, при што најсилно дејство има решение на НБРМ со кое за одреден период би можело да се ограничи зголемувањето на кредитите на одделни банки – истакнува Неновски.
Домашниот финансиски систем е стабилен
Процените што ги прави Советот на Народната банка за финансиска стабилност велат дека домашниот финансиски систем е стабилен, добро се справува со предизвиците и дека е отпорен на шокови.
– Банкарскиот сектор ги задржа стабилноста и сигурноста во работењето, со подобрена солвентност, која е на највисоко ниво во последните 17 години, солидна ликвидност и добар квалитет на кредитното портфолио. Во овој извештај е применета нова, унапредена методолошка рамка за спроведување макрострес-тест, која претставува надградба на постојната методологија и ги одразува препораките на ММФ за унапредување на стрес-тестирањето на македонскиот банкарски систем. Годинашниот макрострес-тест покажа висок степен на отпорност на домашниот банкарски систем на претпоставените шокови од макроекономското и макрофинансиското опкружување. Макропрудентните мерки што Народната банка ги донесе во доменот на противцикличниот заштитен слој на капиталот имаа значителен придонес за понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор – наведуваат од централната банка.
Сепак од НБ укажуваат дека опкружувањето и натаму е неизвесно и упатува на ризици за следниот период, кои се поврзуваат со можната ескалација на геополитичките тензии и нивното прелевање во глобалната, а оттаму и во домашната економија, која како мала и отворена економија е силно изложена на надворешните шокови.
– Евентуалното подолго задржување на заострените финансиски услови би можело неповолно да се одрази врз одржливоста на долгот, со преносни ефекти врз билансите на финансиските институции. Ваквите состојби упатуваат на потребата од натамошна внимателност од страна на финансиските институции и при водењето на макропрудентните политики, како поддршка за задржувањето на финансиската стабилност и во следниот период. Одржувањето силен и отпорен банкарски сектор ќе биде приоритет на Народната банка и во следниот период, што е клучен предуслов за задржувањето на финансиската стабилност – потенцираат од НБ. Е.Р.