Владата континуирано ја следи состојбата и презема конкретни мерки за да се зачува стандардот на граѓаните кои во текот на наредните неколку дена ќе бидат информирани за новите пакет мерки за надминување на состојбата во економијата, со цел да нема поголем ценовен шок на основните прехранбени производи и на енергенсите.
Владиниот Сектор за односи со јавноста информира дека со сите релевантни чинители – синдикати, комори, работодавачи во рамки на Економскиот совет, како и со надворешни експерти, Владата ќе дискутира за надминување на актуелната состојба во земјата, како последица на светските случувања.
– Секој во својот домен ќе даде свој придонес во однос на согледувањето на состојбата кои би биле евентуално можни предлози и идеи за натамошни решенија. Дополнително, Владата синоќа информираше и дека ќе нема промени на сметките за топлинска енергија за домаќинствата.
Со оваа владина одлука се прави измена на Уредбата за критериумите и условите за прогласување кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазарот на топлинска енергија, соопшти владината прес-служба.
Со оваа измена се утврдува правна основа за преземање мерка за финансиска поддршка која, како што се наведува во соопштението, ќе им ја надомести разликата на цената на енергенси за топлинската енергија на снабдувачите со топлинска енергија за да се елиминира можноста разликата на цените да падне на товар на потрошувачите на топлинска енергија од категоријата домаќинства.
– Мерките кои ќе бидат донесени и во следниот период се за зачувување на стандардот на граѓаните паралелно со растот на минималната плата од 18.000 денари, како и постигнатиот договор за историскиот раст на пензиите. Владата со системски решенија се грижи за животниот стандард, особено за најранливите, како врвен приоритет – посочува Владата во соопштението.