Владата на предлог на Министерството за економија донeсе Одлука за намалување на увозните давачки за увоз на свежи домати, краставици и пиперки.
Со оваа одлука, како што се појаснува во денешното соопштение, се предлага времено намалување на увозните давачки – царинските стапки и посебните давачки при увоз на свеж или разладен домат, краставици и слатки и лути пиперки. Целта е намалување на цените на овие производи.
-Стоките, согласно оваа одлука, е предвидено да се увезуваат од 1 декември 2023 година до 28 февруари 2024 година, а одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник“.
Владата донела и одлука за намалување на увозните давачки за увоз на свеж зеленчук, со која се прецизира за кои видови свеж зеленчук се намалуваат увозните давачки – царинските стапки и посебните давачки. Тоа се: кромид, моркови, репка, модар патлиџан, тиквички, праз, карфиол и брокула, зеленчук за салата, главичеста салата и друга салата (освен зелена салата).
Стоките, согласно оваа одлука, е предвидено да се увезуваат заклучно со 28 февруари 2024 година, а одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“.
Донесена е и одлука за изменување на одлуката за посебните услови за трговија на одделни стоки, определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат одделни видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед.
– Со измените е овозможено, со посебна одлука, да се пропише највисока трговска (профитна) маржа за овошјето и зеленчукот, којашто се ограничува во вкупен износ до 10 проценти во трговијата на големо и во вкупен износ до 15 проценти во трговијата на мало. А денешната одлука е и во насока на измена на референтната цена на белиот ориз во пакување од 900 грама до еден килограм и свежи јајца од кокошка, при што како референтна цена се утврдува цената на 15 септември 2023 година, наместо 1 август 2023 година. Одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“, а е предвидено да се применува до 30 ноември 2023 година, прецизираат од Владата.
На седницата донeсена е и одлука за укинување на увозните давачки за увоз на агруми, свежи или сушени. Со одлуката се укинуваат увозните давачки – царинските стапки и посебните давачки за: лимони, портокали, мандарини, грејпфрут, при што е зголемена квотата на два тона јужно овошје, кое времено ќе се увезува без царински давачки. Целта и со оваа одлука е намалување на цените на овие производи. Количината на овие производи е предвидено да се распределува на регистрираните увозници на овошје по принципот „прв дојден прв услужен“, а стоките согласно оваа одлука е предвидено да се увезуваат заклучно со 31 декември годинава. Одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“.
На предлог на Министерството за финансии, донесена е нова одлука за определување на добрата и услугите што подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност.
Со оваа одлука поблиску се определуваат добрата и услугите коишто подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност. Односно, ако претходно за сите производи на листата производи се применуваше иста повластена стапка, сега е предвидена најниска повластена стапка на ДДВ за основните прехранбени производи.
– Повластената стапка на данокот на додадена вредност значи и натаму ќе се применува врз прометот и увозот на повеќе видови месо: говедско, свинско, овчо (свежо, разладено, замрзнато); повеќе видови месни производи; риби (живо, свежи, разладени, замрзани); леб, шекер, сол, масло од сончоглед и некои други масла за јадење, млеко и павлака, јогурт, кисело млеко, сирење, урда, путер, маргарин, како и компир и повеќе видови зеленчук (неварен, варен, сушен) и овошје (свежо, неварено, варено, замрзнато), јатчесто овошје. Со одлуката се опфатени и семиња за сеидба и ѓубрива – соопштија од Владата.
Со денешната владина одлука, листата на производи што подлежат на повластена стапка на ДДВ е дополнета и со електронски/дигитални учебници и пелети.
Оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.