Македонија се одликува со висока трговска отвореност и ниска конкурентност на домашната индустрија. Покрај нафтата и природниот гас, за кои немаме сопствени домашни извори, нашата земја станува зависна и од увозот на електрична енергија и храна
Помалку извезуваме производи со македонско потекло – помалку растеме економски
Македонија традиционално се соочува со ниско ниво на покриеност на увозот со извозот, како и со високо ниво на трговски дефицит. Во изминатиот тридеценискиот период, трговскиот дефицит изнесувал околу триесетина отсто. Поголемиот дел од увозот на производите е за широка потрошувачка, како што се автомобили, телевизори, видеоопрема, апарати за домаќинство и други луксузни производи. Покрај нафтата и природниот гас, за кои немаме сопствени домашни извори, нашата земја станува и зависна од увозот на електрична енергија. Само во минатата година увозот на електрична енергија достигна ниво од 579 милиони долари. Покрај енергијата, со години увозот на прехранбени производи е повисок од нашиот извоз.
Намалување на трговскиот дефицит со макроекономски мерки
Горенаведеното влијаеше трговското салдо, како процентуално учество во БДП, да биде константно во негатива. Високиот дефицит на тековната сметка со години се покрива од релативно високиот износ на приватни трансфери од иселениците, или со кредити од странство или со издавање девизни обврзници, чиј износ од година на година е сѐ повисок. Економските аналитичари предупредуваат на ваквата константна зависност од увоз на производи и предлагаат намалување на трговскиот дефицит со макроекономски мерки со кои би се интензивирал економскиот раст на нашата држава, но досега ништо не е направено во насока на зголемување на нашиот извоз на странски пазари.
Неповолната слика на трговскиот биланс на нашата земја се гледа и низ податоците на Државниот завод за статистика за БДП, на пример за 2021 година, искажан преку трошочниот метод. Во оваа година е остварен БДП во износ од 720.414 милиони денари. Извозот на стоки и услуги изнесувал 477.020 милиони денари, а увозот на стоки и услуги е поголем за околу 120 милиони денари и достигнал ниво од 592.571 милиони денари. За споредба, финалната потрошувачка на домаќинствата во 2021 година изнесувала 480.667 милиони денари, а бруто-инвестициите 232.902 милиони денари. Реалната стапка на раст на БДП во 2021, во однос на 2020 година, изнесува 3,9 отсто.
Нарушувањата на пазарните односи во светската економија најдиректно се одразуваат на македонската економија, а најизложени на надворешните ризици се производствените компании. Пандемијата на ковид-19 ја истакна на површина ранливоста на трговијата, при што намалените трговски текови, како и променетите услови за работа (ангажирање на трудот) нанесоа значителен удар врз многу индустрии, а со тоа беше поткопана конкурентноста на македонските компании. Поради падот на преработувачката индустрија (која е наш главен извозен сектор) и намалувањето на трговијата и туристичкиот промет, извозот и увозот се намалија за 10 отсто и беа еден од факторите за пад на БДП од 4,5 отсто во 2020 година.
Реформи и нови иновативни мерки
Македонската влада преку шесте пакети за поддршка на граѓаните и стопанството се обиде да ги „амортизира“ последиците од здравствената криза, но економскиот раст во 2021 г. сè уште не го достигна нивото од пред 2019 година, иако беше забележан раст на извозот, а во исто време продолжи да расте и увозот. Во 2022 година, поради војната во Украина, растот на цените на храната и на енергентите дополнително се одрази на негативниот трговски биланс. Економската криза само ја потврди слабата конкурентност на македонските компании. Во овој период недостигаа мерки за поддршка на избрани индустрии, со цел да се минимизираат штетите, преку стимулирање на извозно ориентираното производство.
Од бизнис-заедницата забележуваат дека нема формално дефинирана политика за конкурентност во земјата, за која ќе треба да се консултираат засегнатите страни при правење секторски и стратегиски извозни политики. Единствените повидливи политики за зголемување на извозниот потенцијал на македонската економија се насочени кон функционирањето на технолошко-индустриските развојни зони. Но засега привлекувањето странски компании, и покрај постојаното зголемување на вредноста на производството од зоните, не влијае на остварување повисоки стапки на раст на БДП. Во изминатата деценија, просечната стапка на раст на националната економија се движи меѓу два и три отсто.
Во рамките на претходни анализи за економските ефекти од активноста на компаниите што работат во индустриските зони, оцените покажуваат дека од вкупниот номинален раст на додадената вредност во економијата во периодот 2014 – 2016 година, околу 14 отсто потекнува од компаниите што работат во индустриските зони. Нето-ефектот од индустриските зони во набљудуваниот период, како учество во БДП, изнесувал околу 2,1 отсто.
Македонија се одликува со висока трговска отвореност и ниска конкурентност на домашната индустрија. Во Извештајот за глобална конкурентност од 2019 г., македонската национална економија беше рангирана на 82-то место од 141 земја. Ова е показател дека не успеавме да ја искористиме нашата „отвореност“ за поголемо привлекување странски директни инвестиции, со што би ја намалиле нашата константна слабост во извозот. Меѓутоа, домашните компании не се значајно вклучени во нивните синџири на снабдување и синџирите на додадена вредност. Искористувањето на можностите што ги нуди трговската либерализација од страна на домашните фирми е условено од нивната конкурентност, која не е на завидно ниво. Во поглед на конкурентноста, примарните прашања на кои треба да се посвети посебно внимание се однесуваат на продуктивноста на трудот, структурната трансформација на домашната индустрија во корист на секторите што произведуваат повисока додадена вредност, подигнување на стапката на иновации и технолошки развој во земјата и поттикнување нови инвестиции – домашни и странски, забележуваат економските експерти. Во последните години како сериозен проблем се појавува недостигот од квалификувани работници. Исто така, големо внимание треба да се посвети на образованието и неговото реформирање во сите образовни циклуси, со цел учениците и студентите да се стекнат со знаења што обезбедуваат поголема вработливост на пазарот на трудот, забележуваат економските експерти.
Реформи дома со фокус на домашното производство, но и унапредување на
процедурите за извоз на нашите производи
Главните прашања на трговската политика треба да се однесуваат на нецаринските бариери, натамошното олеснување на трговијата, зајакнување на механизмите за мерење на ефектите од спогодбите за слободна трговија. Неопходно е изнаоѓање механизми за освојување нови пазари и промена на производната структура на националната економија. Над 77 отсто од вкупната надворешна трговија во 2021 година била реализирана со земјите со кои Македонија има потпишано спогодби за слободна трговија. Најголем дел од трговската размена се врши со Европската Унија и со ЦЕФТА. Според податоците на Државниот завод за статистика, вредноста на увезената стока, во периодот јануари – декември 2022 година, изнесува 747.191.286 илјади денари, што е за 25,8 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година. М.Ј.