Премиерот Димитар Ковачевски вечерва обелодени дека од буџетот ќе бидат скратени дополнителни 100 милиони евра непродуктивни трошоци.
– Во моментов, работиме на ребалансот на буџетот. Завршена е расходната страна и ќе има кратење на дополнителни 100 милиони евра непродуктивни трошоци – рече Ковачевски во централниот дневник на телевизија „Сител“.
Тој додаде дека ова се дополнителни кратења на веќе предвиденото кратење на тековните расходи од осум проценти и дополнителните мерки за ограничување на трошоците за репрезентација и патувања.
– До крајот на мај треба да биде завршен ребалансот на Буџетот и ставен во собраниска процедура. Во моментов се разгледуваат опциите за покривање на дефицитот, бидејќи расте и цената на капиталот – рече Ковачевски, додавајќи дека се разгледуваат сите опции и се водат разговори со цел обезбедување средства со најниска цена на капитал.
Во врска со преговорите со Синдикатот за образование, наука и култура и нивните барања, Ковачевски изрази уверување дека процесот на разговори ќе даде резултат и дека ќе се најде методолгија за постојан раст на платите, но и за зголемување на продуктивноста.
– Верувам дека процесот на разговори со СОНК ќе даде решение, дека ќе имаме расат на платите на наставниците и методологија која ќе овозможи раст на платите во иднина. Но не едноставен раст, туку раст проследен со зголемување на ефикасноста и продуктивноста – рече Ковачевски.